• петок, 06 март 2026

Ердоган и Мелони разговараа за влијанието на иранската криза врз регионалната стабилност

Ердоган и Мелони разговараа за влијанието на иранската криза врз регионалната стабилност

Анкара, 6 март 2026 (МИА) - Дипломатијата мора да биде приоритет за да се спречи понатамошна нестабилност во регионот, оценија турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган и италијанската премиерка Џорџа Мелони за време на денешниот телефонски разговор посветен на ескалацијата на конфликтите на Блискиот Исток.

Ердоган истакна дека Анкара со големо внимание ги следи случувањата во Иран и нивното влијание врз регионалната безбедност, пренесувајќи и на Мелони дека Турција активно ги советува сите инволвирани страни да се воздржат од чекори што би довеле до поголем хаос.

Двајцата лидери се согласија дека меѓународната заедница мора да дејствува обединето за да се сочува глобалната стабилност. Во тој контекст, Ердоган предупреди дека сегашните воени дејствија не само што го загрозуваат регионот, туку претставуваат и директна закана за меѓународната безбедност.

Како одговор на зголемените тензии, турскиот лидер ја нагласи неопходноста од поблиска соработка во одбранбената индустрија меѓу сојузничките земји, посочувајќи дека Турција останува посветена на продлабочување на стратешкото партнерство со Италија.

Покрај безбедносните прашања, Ердоган и Мелони потврдија дека Анкара и Рим ќе продолжат да работат на унапредување на економските врски, со посебен фокус на зголемување на трговската размена меѓу двете држави. ссм/ми/

фото: архива

Остани поврзан