• недела, 22 јуни 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

ЕП им препорача на вработените да комуницираат преку Тим, Џабер или Сигнал 

ЕП им препорача на вработените да комуницираат преку Тим, Џабер или Сигнал 

Брисел, 14 февруари 2025 (МИА) - Европскиот парламент упати известување до својот персонал во кое советува за комуникација да се користат алатките Тим на „Мајкрософт“ или Џабер на „Сиско“, а доколку нивното користење не е можно, тогаш се препорачува употреба на Сигнал. 

Ваквата препорака, како што се наведува во дописот до вработените упатен по електронска пошта, се дава поради зголемените стравувања за безбедноста на онлајн комуникациите и со цел да се овозможи подобра заштита на личните податоци и на кореспонденцијата.  

Дополнително, ЕП своите службеници ги советува и кои чекори треба да ги преземат за да ги заштита своите комуникации, вклучително и користење на ПИН и активирање на функциите за автоматско бришење на пораките по нивното отворање и за овозможување автоматско безбедносно ажурирање. 

Дописот, како што наведува „Еурактив“, следува по хакирањата на телекомуникациската инфраструктура ширум САД, кои почнаа кон крајот на 2024 година и се уште траат. 

Но, препораката доаѓа и во време кога ЕУ се повеќе ја нагласува потребата од зајакнување на европскиот суверенитет и намалување на технолошката зависност, па интересно е што Европарламентот го охрабрува својот персонал да користи само алатки за комуникација на компании со седиште во САД. 

Инаку, оваа не е прва препорака за користење на комуникациски алатки што се упатува во рамките на ЕУ. 

Во декември 2023 година тогашната француска премиерка Елизабет Борн на сите министри и членови на нејзиниот Кабинет им нареди за комуникација да ги користат француските апликации Олвид или Чап, а да престанат ги употребуваат останатите, меѓу кои и ВатсАп и Телеграм. 

Пред тоа, во март 2023, Европската комисија забрани инсталирање на ТикТок на службените уреди, забрана кој потоа ја воведе и Европарламентот. сп/ 

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан