• недела, 22 декември 2024

ЕПЦ: Поразот на Заев на изборите ги покажа ризиците од „млаката посветеност“ на ЕУ

ЕПЦ: Поразот на Заев на изборите ги покажа ризиците од „млаката посветеност“ на ЕУ
Брисел, 8 ноември 2021 (МИА) - Европскиот центар за политика (ЕПЦ), еден од највлијателните тинк-тенкови во Брисел, изразува загриженост поради слабата посветеност на ЕУ кон проширувањето и ризичните последици, јави дописничката на МИА од Брисел. Европскиот центар за политика коментира дека иднината на политиката на проширување на ЕУ оди во неизвесна насока, додека ветувањата кон Западниот Балкан звучат празно. Јазот помеѓу реториката за поддршка на проширувањето и конкретните дела е во срцето на критиката на тинк-тенкот, еден месец откако Европската комисија ги објави извештаите за реформскиот напредок на земјите од регионот. Се потсетува и на долгите дебати помеѓу земјите членки на Унијата пред Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ, кога се водеше „битка“ дали во Завршната декларација да се појави воопшто зборот проширување. Конечно зборот проширување беше вклучен во Декларацијата, но со услов дека Унијата мора претходно да го развие својот капацитет за интеграција на нови земји членки. - Тоа што лидерите на ЕУ заглавија на семантика, обележува ново ниско паѓање за една политика која инаку се опишува како кредибилна и стратешка. Но, ова не е големо изненадување, пишува Центарот, кој повторно се навраќа на ветувањето на ЕУ дадено во 2003 во Солун и потсетува на разните блокади на проширувањето, како од Холандија и Франција, така неодамна и од Бугарија. Кризата во Северна Македонија по локалните избори се коментира и како делумна вина на ЕУ. - Новата политичка криза која тлее во Северна Македонија по оставката на премиерот Зоран Заев и по огромната победа на конзервативната опозиција во октомври 2021 ги изложува инхерентните ризици на млаката посветеност на ЕУ кон процесот. Отворањето на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија, кои ги исполнуваат условите, вели ЕУ, е клучно за кредибилитетот на ЕУ, но исполнувањето на сите ветувања треба да стане навика во Унијата и не само за овие две земји, оценува ЕПЦ. Тинк-тенкот потсетува дека во последните 15 години и покрај сите напори на Европската комисија да ја подобри својата политика на проширување за да добие подобри резултати во реформите, процесот не вродува со плод, судството не е на ниво, корупцијата, медиумските слободи и организираниот криминал и натаму се трн во око вклучително и во земјите кои веќе преговараат за членство, како Србија и Црна Гора. На економски и социјален план резултатите не се ништо подобри, нагласува ЕПЦ, а пандемијата само дополнително ја влоши состојбата. - Со време Комисијата стана експерт во претворање на политички прашања во технички одредници и засега тоа успеа да го задржи процесот, но нејзината кутија на алатки и трикови има граници кога станува збор за демократија и градење нација или помирување во поствоени и мултиетнички општества и билатерални спорови, пишува тинк-тенкот. Колку повеќе овие прашања заземаат простор и го условуваат напредокот на земјите, толку повеќе недостигаат и одговори. - Јасно е дека реформите не се само прашање на барање од ЕУ, туку зависи и од политичка волја и имплементација на Западниот Балкан. И двете сѐ уште недостасуваат во повеќето земји, вели Центарот, алудирајќи на некои од автократските влади во регионот. Без политичка решителност ниту еден технички процес не е доволен, стои во објавата на ЕПЦ, кој ги повикува земјите членки да се одлучат каква иднина сакаат за политиката на проширување. тм/сп/

Остани поврзан