• петок, 05 декември 2025

Енрике: Лео Меси е најдобриот фудбалер во историјата

Енрике: Лео Меси е најдобриот фудбалер во историјата

Мајами, 29 јуни 2025 (МИА) - Главниот тренер на Пари Сен Жермен, Луис Енрике, ќе се соочи со својот поранешен играч Лионел Меси во недела во натпревар од Светското клупско првенство на стадионот Мерцедес-Бенц во Атланта, каде што европските шампиони ќе се соочат со Интер Мајами, тим составен од поранешни ветерани на Барселона.

Шпанецот, кој го предводеше ПСЖ до титулата во Лигата на шампионите во мај, сега ќе има задача да се соочи со истиот играч кој му помогна да освои девет титули за време на нивниот извонреден тригодишен престој во Барселона.

-Имав можност да го тренирам Лео Меси на врвот на неговата кариера. Но, неговиот врв всушност траеше 10-15 години или повеќе. Би рекол дека тој е најдобриот играч во историјата. Имав можност да ги освојам сите можни титули со него во Барселона, изјави Енрике на прес-конференција.

Тренерот на ПСЖ, сепак, предупреди дека Интер Мајами е повеќе од „само Меси“.

-Нема сомнение дека тие ги имаат вештините и квалитетите, додаде тој, истакнувајќи дека во тимот на САД се поранешните играчи на Барселона, Серхио Бускетс, Жорди Алба и Луис Суарез.

На прашањето како осумкратниот освојувач на „Златната топка“ би бил неутрализиран, Енрике нагласи дека тоа може да се случи само со колективен пристап.

-Ако сакаме да го запреме Лео Меси, не можеме да се потпреме само на еден играч. Ни треба колективна одбрана, тој може да го дрибла секој играч, додаде тој.

И покрај тоа што се фаворити, ПСЖ останува мотивиран откако го крена трофејот од Лигата на шампионите.

-Тукушто ја освоивме Лигата на шампионите, но сме гладни и желни да продолжиме да покажуваме дека има простор за подобрување. Каде е подобро да се направи тоа отколку на овој неверојатен стадион, против тим кој го има и Меси?, рече тренерот.

Луис Енрике, исто така, ја истакна улогата на Хавиер Маскерано како тренер на противникот.

-Тој има сè што е потребно за да биде врвен тренер. Не сум изненаден бидејќи го познавав Маскерано многу добро како играч, рече тој. дс

Фото: Архива

 

Остани поврзан