• понеделник, 23 декември 2024

Електронското издание на „Службен весник на РСМ“ доби официјален карактер

Електронското издание на „Службен весник на РСМ“ доби официјален карактер
Скопје, 5 јули 2021 (МИА) - На 27 јули 2021 година електронското издание на службеното гласило и официјално ќе биде правно обврзувачко како што е печатеното издание на „Службен весник на Република Северна Македонија“. Со донесувањето на Законот за изменување и дополнување на Законот за објавување на законите и на другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија“, кој е објавен во „Службен весник на РСМ“ број 21 од 27 јануари 2021, се овозможи електронското издание на службеното гласило, да добие официјален карактер. Оваа новина, како што информираат од ЈП Службен весник, на електронското гласило му дава подеднаков третман со печатеното издание, односно, шест месеци од донесувањето на измените, електронската форма на службеното гласило станува правнообврзувачка. Донесувањето на оваа измена е резултат на повеќегодишното настојување на ЈП Службен весник на Република Северна Македонија за спроведување на ефикасни и континуирани реформи засновани на европските искуства и стандарди, особено во делот што претставува јавен интерес. Токму затоа и самиот Закон за изменување и дополнување на Законот за објавување на законите и на другите прописи и акти во „Службен весник на Република Северна Македонија“ е во правец на следење на постојниот тренд во оваа област и е изработен согласно со компаративните искуства во областа на објавување на законите и на другите прописи и акти во службените гласила во земјите од регионот како и искуствата од издавачите на службените гласила во ЕУ. Основните цели и решенија на овие измени и дополнувања, како што посочуваат од ЈП Службен весник, содржат новини кои се однесуваат на начинот и формата на објавувањето на законите и на другите прописи и акти во службеното гласило, како и други решенија усогласени со актуелните трендови во областа на објавувањето на актите и начинот и формата на нивното издавање, со што ќе се овозможи поефикасно работење на самата институција, како и развој на нови услуги и производи. ЈП „Службен весник на РСМ“, во континуитет, настојува да е над стереотипите и да е сигурен партнер како на институциите, така и на граѓаните бидејќи мотото на оваа институција, денес и во иднина е: квалитет, безбедност, навременост и точност. дма/са/

Остани поврзан