• петок, 22 ноември 2024

Електричари и текстилци се шумочувари, шумската полиција нема интернет, возила и ИТ опрема, а кубуриме и со инспектори

Електричари и текстилци се шумочувари, шумската полиција нема интернет, возила и ИТ опрема, а кубуриме и со инспектори
Скопје, 11 март 2021 (МИА) - Земјава нема системски, интегрален пристап за чување и заштита на шумите. Располагаме со вкупно 14 инспектори на околу еден милион хектари шума, шумочувари се електричари и текстилци, а преку 20 години си играме и шумска полиција - институцијата е се уште без основни средства за работа, возила, гориво, ИТ и интернет, беше речено на денешната панел дискусија што ја организира Асоцијацијата за демократски иницијативи (АДИ) во соработка со Институтот за комуникациски студии во рамките на кампањата „Разбистри сè“. Како што истакнаа учесниците на панелот, политиката е длабоко инволвирана во шумарството. Четири слаби, недоволно кадровски и технички опремени институции се грижат за шумите. На дното сме во регионот и во Европа по вложување во научно-истражувачка работа, а 71 отсто од населението директно или индиректно користи дрво како енергенс за греење. Се проценува дека нелегалната сеча е околу 25-30 отсто од вкупно исечената дрвна маса. Лани достигнала 26.000 метри кубни, а биле одземени 3.000 метри кубни дрвна маса (1.500 метри кубни од познати и уште толку од непознати строители). Велешко, Прилепско, Беровско, Струга, Кичево и Скопје се критичните региони во однос на бесправната сеча. -Државниот инспекторат се соочува со многу проблеми. Со само 14 инспектори не можеме да одговориме на сите предизвици ако се земе предвид бројот на површина и субјекти кои се под наш надзор. Згора на тоа, до 2019/2020 година не бевме ни електронски опремени. Имаме само 6-7 возила, но со нив не можеме да го покриеме теренот, рече Трајче Ангелов, виш инспектор за шумарство. Ангелов укажа дека Инспекторатот контролира околу еден милион хектари шумска површина и повеќе субјекти меѓу кои 73 концесионери со 229 ловишта и 55 трговски друштва кои се занимаваат со производство на репродуктивен материјал од дрвни видови. Тука влегуваат, рече, и приватните сопственици на шумите. -Просечната старост на инспекторите е 54-55 години. Ни треба млад, соодветно образован кадар, истакна Ангелов. Според Горан Трајков, командир на Шумската полиција во Штип, и меѓу шумските полицајци има несоодветен кадар. -Проблемот е што четири слаби институции ги чуваат шумите. Тие се недоволно опремени поради што не се во можност да одговорат на своите овластувања. Конкретно, од формирањето на Шумската полиција во 1998 година функционираме како да си играме полиција. Немаме основни средства за работа, возила, гориво, униформи, ИТ опрема, интернет. Веќе 23 години се соочуваме со тоа. Сега малку се размрдува ситуацијата, нагласи Трајков и додаде дека за ефикасно работење е неопходна најсовремена ИТ опрема. Треба да се набават дронови, оцени командирот, за многу лесно да се покријат површините кои се предмет на контрола. Трајков потсети дека е во тек изработка на предлог-закон за шумска полиција кој предвидува подобра контрола и поефикасно справување со бесправната сеча. Се предлага шумската полиција да биде државна управа со зголемени ингеренции и да може да интервенира и во дејностите лов, риболов и животна средина. И ЈП „Национални пуми“, како што рече помошник директорот Маре Басова, се соочува со недостиг на човечки, материјални и технички ресурси. -Мора да се престроиме и да ја подигнеме на повисоко ниво заштитата на шумите. Моментно, бројот на шумочуварите е 227, а вкупно за чување се 347 реони и околу еден милион хектари површина под шума. Ова покажува дека и човечките и материјалните и технички ресурси се недоволни за ние како претпријатие да се справиме со овој проблем. Потребно е да се зајакнат капацитетите на службата за заштита на шумите и соодветно да се казнат сторителите, да се отвори широка дискусија, да се вклучат повеќе релевантни институции, истакна Басова. На панел дискусијата насловена  „Како до подобра контрола врз управувањето со шумите?“ се вклучија преку 70 учесници. Се отворија голем број прашања и се испрати пораката дека шумите не се само дрвна маса за остварување економски бенефит, туку ресурс кој мора да се заштити и зачува за следните генерации. Од вкупната територија на државата 938.000 хектари се под шума или 30 отсто. Притоа, 89 проценти од шумите се државни, а 11 проценти се во приватна сопственост. Во однос на составот, 266 хектари се високостеблеста шума, додека 540 хектари нискостеблеста. Вкупно има 7.200 шумски култури. Вкупната дрвна резерва на шумите е 78 милиони метри кубни, а годишниот прираст изнесува 1,6 милиони. Проценките се дека нелегалната сеча е околу 25-30 отсто од вкупно исечената дрвна маса. Надлежностите на шумската полиција и шумочуварите се преклопуваат, Инспекторатот за шумарство и ловство нема доволно инспектори што доведува до намалена ефективност, а учеството на изречени инспекциски мерки во однос на извршените надзори укажува низок степен на казнивост, 13 проценти. Потребна е поголема соработка и координација меѓу повеќе државни органи, како и со судските органи кои треба да ги процесираат казните во најбрз период. Образованието, беше речено, е многу важен фактор за подобра контрола при управување со шумите.  мч/лв/              

Остани поврзан