• понеделник, 02 февруари 2026

ЕК планира опремување на европскиот поморски сектор со 10.000 брода до 2030 година

ЕК планира опремување на европскиот поморски сектор со 10.000 брода до 2030 година

Брисел, 2 февруари 2026 (МИА) - Европската комисија планира да го поддржи поморскиот сектор во ЕУ за набавка или надградување помеѓу 7.000 и 10.000 одржливи и дигитализирани бродови до 2035 година.

Ова се наведува во предлог-документот на идната индустриска поморска стратегија на Европската комисија, кој сè уште е во изработка.

Во документот се нагласува и потребата од зајакнување на воените морнарици на земјите членки на ЕУ како одраз на актуелните геополитички притисоци и случувања.

За таа цел се предвидува во рамките на Европската програма за одбранбена индустрија да се обезбеди финансиска поддршка за изградба на бродови за двојна, цивилна и воена намена, како, на пример, на фериботи.

Овие бродови првенствено би се користеле за цивилен транспорт, но по потреба би можеле да бидат ангажирани и од страна на воените морнарици.

Стратегијата исто така предвидува и нова иницијатива за подигање на свеста за следење на непријателската поморска активност и заштита на подводната инфраструктура.

За таа цел се планира зајакнување на поддршката за развој на технологии за разузнавање, надзор и извидување произведени во ЕУ преку заедничка набавка на дронови, комуникациски системи и наменско финансирање за кибер-безбедноста. сп/јт/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан