• понеделник, 23 декември 2024

ЕК го поздрави француско-германскиот план за економско заздравување

ЕК го поздрави француско-германскиот план за економско заздравување

Брисел, 18 мај 2020 (МИА) – Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави предлогот на Париз и Берлин за економски план за закрепнување во износ од петстотини милијарди евра, јави дописничката на МИА од Брисел.

- Го поздравувам конструктивниот предлог на Франција и Германија. Тој ги препознава обемот и големината на економскиот предизвик со кој се соочува Европа и со право ја нагласува потребата да се работи на решение кое ќе го стави европскиот буџет во центарот, соопштија попладнево од кабинетот на фон дер Лајен.

Шефицата на Европската Комисија додава дека предлогот на Париз и Берлин „оди во насока на предлогот на Комисијата“.

Канцеларката Ангела Меркел и претседателот Емануел Макрон денеска поднесоа заеднички предлог за план за рестартирање на европската економија преку Фонд за закрепнување во износ од 500 милијарди евра. Меркел и Макрон нудат Европската Комисија да биде носител на проектот преку заеми на меѓународните пазари. Парите потоа би им биле префрлени на земјите членки на ЕУ во облик на буџетски трошоци за најпогодените сектори и региони.

Во француско-германскиот план се наведува дека „тоа ќе ја зајакне отпорноста, конвергенцијата и конкурентноста на европските економии и ќе ги зголеми инвестициите, особено во еколошките и дигиталните транзиции и во истражувањето и иновациите“. Планот предвидува 500 милијарди евра да бидат наменети и за нетехнолошките сектори и ќе биде економски одговор што ќе помогне во борбата против невработеноста во најранливите региони. - Средствата нема да бидат вратени од корисниците, туку од земјите-членки, истакна Макрон. Меркел потврди дека овој средствата прво ќе биде насочени кон земјите кои се најранливи по кризата. - Земјите што најмногу претрпеа, тие најмногу ќе ги искористат, наведе Меркел.

ЕК оцени дека предлогот одговара на стратегијата што и самата ја понуди пред неколку недели.

Европската извршна власт предложи поголема флексибилност во однос на буџетските правила за земјите членки, посебно во делот на државната помош, јавниот долг и дефицитот. Истовремено, Европската централна банка и европската инвестициска банка нудат 540 милијарди евра заеми во разни форми, како и Инструмент за закрепнување кој би бил врзан за повеќегодишниот буџет на Европската Унија и кој треба да биде усвоен идната недела во Брисел. тм/ми/

Остани поврзан