• вторник, 19 ноември 2024

ЕК воведе привремени компензациски царини за увоз на кинески електромобили (ДПЛ)

ЕК воведе привремени компензациски царини за увоз на кинески електромобили (ДПЛ)

Брисел, 4 јули 2024 (МИА) - Девет месеци по започнувањето на својата истрага по службена должност за субвенционирањето на производството на електрични возила во Кина, Европската комисија денеска донесе одлука за воведување „привремени компензациски царини“ за увоз на кинески електромобили.  

Ваквата одлука е донесена врз основа на заклучокот од истрагата дека производството на електрични возила во Кина е поддржано од нефер субвенционирање, што претставува закана за нанесување економски штети на производителите на електромобили во ЕУ.  

При носењето на одлуката се водело сметка и за веројатните последици и влијанието на кинеските мерки врз увозниците, корисниците и потрошувачите на електрични возила во ЕУ. 

Согласно оваа одлука, за возилата на компанијата Би-Вај-Ди (BYD) е предвидена компензациска царина од 17,4 отсто, за оние на „Џили“ („Geely“) од 19,9, а за електромобилите на САИЦ од 37,6 проценти. За останатите кинески производители на електрични возила што соработувале во истрагата се воведува царина од 20,8 отсто, а за оние кои не соработувале со истражителите на ЕУ – од 37,6 проценти.  

Примената на овие привремени царини ќе почне од утре и ќе трае максимално четири месеци, во кој период мора да биде донесена конечна одлука од земјите членки на ЕУ за дефинитивната висина на царината за кинеските електромобили, што ќе важи за период од пет години. 

Комисијата информира дека и покрај одлуката, консултациите со кинеската Влада за ова прашење продолжуваат, со нивното интензивирање последните недели по средбата меѓу извршниот потпретседател на ЕК за економија во полза на луѓето Валдис Домбровскис и кинескиот министер за трговија Ванг Вентао.  

- Контактите продолжуваат на техничко ниво со цел да се постигне решение во согласност со правилата на Светската трговска организација (СТО), кое адекватно ќе ги земе предвид грижите покренати од Европската Унија. Секој преговарачки исход мора да биде ефикасен во справувањето со идентификуваните штетни форми на субвенционирање, информира Еврокомисијата. 

Комисијата официјално ја започна истрага за субвенционирање на производството на електрични возила во Кина на 4 октомври 2023 година и има рок од 13 месеци за нејзино завршување. 

Остани поврзан