• понеделник, 23 декември 2024

ЕК бара податоци од ТикТок и Јутјуб за мерките за заштита на малолетници

ЕК бара податоци од ТикТок и Јутјуб за мерките за заштита на малолетници

Брисел, 10 ноември 2023 (МИА) - Европската комисија испрати официјално барање до ТикТок и Јутјуб да и достават информации за мерките што ги презеле за усогласување со нивните обврски поврзани со заштитата на малолетниците согласно Законот за дигитални услуги на ЕУ.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Еврокомисијата бара ТикТок и Јутјуб да и достават податоци за исполнување на обврските поврзани со проценката на ризикот и мерките за онлајн заштита на малолетниците, особено во однос на ризиците за нивното ментално и физичко здравје, како и за условите под кои малолетни лица можат да ги користат услугите на двете платформи.

Двете компании се обврзани да ги достават бараните информации до Комисијата најдоцна до 30 ноември, по што врз основа на проценката на одговорите таа ќе донесе одлука за следните чекори.

Доколку платформите не одговрат на барањата или дадат неточни, нецелосни или погрешни информации, Европската комисија, согласно ДСА, може да им изрече казни.

По прогласувањето на 19 социјални мрежи, пребарувачи и сајтови за онлајн трговија од страна на ЕК за „многу големи онлајн платформи“, меѓу кои се ТикТок и Јутјуб, тие се должни да се усогласат со целосниот сет на одредби од Законот за дигитални услуги, вклучително и за проценка и ублажување на ризиците поврзани со ширењето на илегални и штетни содржини, со негативните ефекти врз основните човекови права, меѓу кои и правата на децата, како и за заштита на малолетниците. 

Ова е второ барање од ЕК до ТикТок врз основа со ДСА, откако на 19 минатиот месец од платформата беше побарано да достави информации во врска со наводното ширење на терористичка и насилна содржина, говор на омраза и дезинформации, како и за општите аспекти во врска со заштитата на малолетниците на интернет. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан