• петок, 05 декември 2025

Ексклузивно за МИА, маестро Јерухам Шаровски за настапот со Македонска филхармонија во Виена: Бевме на свето место, како историјата да гледаше во нас

Ексклузивно за МИА, маестро Јерухам Шаровски за настапот со Македонска филхармонија во Виена: Бевме на свето место, како историјата да гледаше во нас

Скопје, 12 ноември 2025 (МИА)

Виолета ГЕРОВ

-Кога настапуваш во вакви прекрасни историски и легендарни сали, како Музикферајн, чувствуваш огромна почит, за сите големи музичари кои настапувале во нив низ годините, но и голема одговорност, и длабок компромис со музиката бидејќи имаш чувство како историјата да гледа во тебе. Но, во исто време, се чувствуваш многу среќен што имаш можност да бидеш таму, да ја изразиш својата музика, во такво свето место. И јас бев пресреќен што ја имав таа можност заедно со Македонската филхармонија, прекрасен оркестар со кого имаме поминато многу време заедно, вели во ексклузивниот разговор за МИА, маестро Јерухам Шаровски уметничкиот директор на Македонската филхармонија, кој моментално се наоѓа во Јужна Африка каде има проби.

Маестро Шаровски, со оркестарот на Македонската филхармонија одржавте концерт во „Златната сала“ на ,„Музикферајн“ во Виена – дом на Виенската филхармонија и една од најзначајните светски концертни сцени. Дали е ова прв Ваш настап на оваа сцена и кои се вашите впечатоци сега, десетина дена по настапот?

-Да ова беше мој прв настап во Музикферајн во Виена. Досега сум бил во големи прекрасни сали како Линколн центарот, Берлинската филхармонија, Минхенската филхармонија, во Сао Паоло во Бразил, и се разбира во Театро Колон во Буенос Аирес, како и во базиликата Света Чечилија во Рим, која е исто така важна. Кога настапуваш во вакви прекрасни историски и легендарни сали, пред се, прво чувствуваш огромна почит за сите големи музичари кои настапувале во нив низ годините. Чувствуваш голема одговорност, длабок компромис со музиката, бидејќи имаш чувство како историјата да гледа во тебе. Но, во исто време, си многу среќен што имаш можност да бидеш таму, да ја изразиш својата музика во такво свето место, и јас бев пресреќен што ја имав таа можност заедно со Македонската филхармонија, прекрасен оркестар со кого имаме поминато многу време заедно. Јас диригирам со овој оркестар од 2008 година во различни пригоди и различни ситуации. Заедно бевме на турнеи во Кина и во Израел и имаме голема усогласеност и разбирање.

Со овој концерт Македонската филхамонија одбележа 80 годишен јубилеј од своето постоење, исклучително искуство вредно за почит. Што може да кажете за изборот на програмата за концертот во Музикферајн? 

-Околу програмата и идејата за концертот ќе кажам само дека програмата е избрана со претходниот генерален директор Александар Котевски, пред неколку месеци. Ние двајцата разговаравме, тој имаше многу добри сугестии во првиот дел да вклучиме македонска музика од македонски композитори и македонски песни кои ќе бидат испеани од двајцата извонредни македонски солисти, Ана и Игор Дурловски. И ми беше големо задоволство и голема чест да ги имаме нив како солисти, бидејќи тие се претставници на македонскиот исклучителен талент со изведба од највисоко ниво. А македонските песни беа многу симболични, бидејќи се носталгични, прекрасни репрезенти на македонската душа и чувства.

Вториот дел од концертот вклучуваше меѓународни симфонии кои обично се дел од репертоарот на големи оркестри кои ги изведуваат на вакви големи настани. Прво изведувате музика, но на крај завршувате со симфонии од врвниот репертоар кои ви озможуваат да го оцените нивото на преформансот на интернационален оркестар, бидејќи на овие сцени настапувале најпознатите оркестри од целиот свет. И мислам дека Македонската филхармонија покажа највисоко ниво на сензибилитет и длабоко разбирање на музиката и многу, многу сензибилна и софистицирана изведба со детали, нијанси и монументален звук на оркестарот. Бидејќи тие имаат една многу важна одлика кога музицираат, а тоа е страста. Јас сум работел со повеќе од 70 оркестри низ светот, но овој е посебен поради неговата страст за музиката и нивната внесеност во музиката за време на изведбата.

Како ја оценувате соработката со Филхармонијата со оглед дека веќе втора година сте нејзин уметнички директор, и имајќи го предвид вашето богато искуство на соработка и настапи со многу познати оркестри во Европа и надвор од неа? 

-Се разбира, после многу години соработка имаме прекрасни блиски односи со многу музичари во оркестарот. Ми претставува големо задоволство да соработувам со нив не само на сцената, туку и  кога ќе ги сретнам надвор од сцената, бидејќи се прекрасни човечки суштества. И драго ми е секогаш кога ќе ги видам. Генерално, многу добро се разбиравме со оркестарот и имаме направено убави работи, како што ги споменав турнеите во Кина и Израел, и општо во нашата соработка.

Постои еден проблем што сакам да го спомнам, а тоа е нестабилноста и премногу честото менување на генералните директори. Во две години работев со пет различни генерални директори и тоа претставува проблем за уметничкиот директор кога треба да подготви долгорочна програма, бидејќи секој нов директор штом дојде сака да направи различни работи. А кога имате посебни идеи како турнеи, на пример програма за турнеја низ Јужна Америка, или во други места, тоа се проекти на кои треба да работите долго време однапред. Но, кога доаѓа директор и не знае колку долго ќе остане на местото, тој нема да се согласи да почнува долгорочни програми бидејќи не знае дали ќе биде на таа позиција.

Тоа е прашање кое треба да се подобри во оркестарот и да има генерален директор на подолг период, најмалку на четири години. Само тогаш тој ќе може да знае точно како да ги менаџира работите и уметничкиот директор ќе може да подготвува програми долгорочно, на подолг период.

Тоа е единствената работа што треба да се промени кај Оркестарот. Но секако, тоа не зависи од мене, ниту од оркестарот, туку од Министерството за култура. Но, освен тоа, можам да сублимирам дека мојот однос со овој оркестар беше многу добар и позитивен. И ќе ми биде драго да продолжам да придонесувам за овој извонреден оркестар. вг/дј

Фото: Од архивата на маестро Јерухам Шаровски

 

Остани поврзан