• петок, 15 ноември 2024

„Еко-свест“:  МЖСПП прифати иницијатива за почнување процес за репрогласување на Демиркаписка клисура за заштитено подрачје

„Еко-свест“:  МЖСПП прифати иницијатива за почнување процес за репрогласување на Демиркаписка клисура за заштитено подрачје

Скопје, 18 март 2024 (МИА) - Министерството за животна средина ја прифати иницијативата за отпочнување на процесот за репрогласување на Демиркаписка клисура и околна територија, за заштитено подрачје и ја постави на својот годишен план за 2024 година. Ова беше кажано, меѓу другото, на денешниот брифинг со новинари во Скопје, организиран од Центарот за истражување и информирање за животната средина, „Еко-свест“.

- Во април започнуваме со маркирање на подрачјето, студија за валоризација на вредностите и социо-економска студија, што ќе доведат понатаму до процесот на прогласување, информираше Ѓорѓи Митревски, програмски координатор за води.

Тој се осврна уште на еден проект, за поддршка на националните паркови, за мониторинг и управување со реките и речните еко-системи.

Симона Трајковска, програмски координатор за природа, најави дека на 22 март во мултикултурниот центар во Вевчани, што ќе биде инфо-центар, ќе биде отворена трајна изложба за природното богатство во тоа заштитено подрачје. Се подготвуваат и едукативни материјали за јакнење на еко-свеста на најмладите.

Елена Николовска, програмски координатор за клима, соопшти дека во соработка со МАНУ, имаат изработено мапа за најпогодни локации за обновливи извори, ветерници и фотоволтаични централи.

- За да имаме добри законски решенија во оваа сфера, мора да се земаат предвид мислењата на сите засегнати страни, подвлече таа, додавајќи дека станува збор за многу значаен сектор. бд/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан