• петок, 05 декември 2025

Едно лице загина, a десетици се повредени во рускиот напад врз железничката станица во Шостка

Едно лице загина, a десетици се повредени во рускиот напад врз железничката станица во Шостка

Киев, 4 октомври 2025 (МИА) - Најмалку едно лице е убиено, а десетици се повредени, вклучувајќи деца, во рускиот напад со дрон врз железничка станица во североисточниот украински Сумски регион, соопштија денеска официјални лица од локалната власт, јави ДПА.

Градот Шостка, 170 километри северно од регионалниот главен град Суми, доживеа жестоки напади во текот на денот, изјави украинскиот претседател Володимир Зеленски во своето вечерно видео обраќање. Тој рече дека енергетскиот систем и железничката станица биле цел на напади, а еден воз бил погоден.

Зеленски пријави еден смртен случај и дополнителни повреди.

Телото на 71-годишен маж е пронајдено во вагон на воз, соопшти канцеларијата на локалниот обвинител, пренесе ДПА. 

Осум лица се однесени во болница, објави гувернерот на регионот, Олех Грихоров, на каналот Телеграм.

Меѓу повредените имало тројца малолетници на возраст од 8, 11 и 14 години. Во претходните извештаи се споменуваа десетици повредени. Зеленски уште напладне го осуди нападот.

„Русите сигурно знаеле дека пукаат врз цивили. А тоа е тероризам, кој светот не смее да го игнорира“, напиша Зеленски на социјалните мрежи, пренесе германската агенција.

Украина се брани од руската инвазија повеќе од три и пол години со помош на западна поддршка. Русите во своите напади постојано ги гаѓаат цивилите во Украина, потсетува ДПА.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан