• недела, 22 декември 2024

Една година нова управа на ФК Тетекс: Доста е спасување, време е за воздигнување на клубот

Една година нова управа на ФК Тетекс: Доста е спасување, време е за воздигнување на клубот

Тетово, 2 ноември 2023 (МИА) - Управата на фудбалскиот клуб Тетекс од Тетово вчера одржа трибина на која беше претставен отчетот на новото раководство за изминатата една година од кога ја презеде обврската, како и за плановите во иднина. Клубот доби ново раководство во декември 2022 кога за претседател беше назначен д-р Бобан Вучевски, а за спортски директор Бобан Мишевски.

Новиот управен одбор минатата година имаше за цел да го спаси клубот со оглед дека се соочуваше со финансиски долгови. Раководството со помош и поддршка на поголем број правни субјекти се избори за исплата на долговите.

- Патот не беше лесен. Наследивме долг од околу 700.000 денари за плати, превоз, материјални трошоци, исклучена струја во просториите поради неплатени сметки, млади и неискусни фудбалери. Но нашата решителност и сплотеност беа пресуден фактор за да ја извојуваме оваа битка. И успеавме во нашите намери. ФК Тетекс е спасен од испаѓање од Втората македонска лига. Не дозволивме да згасне овој бренд кој има име, традиција и историја, истакна спортскиот директор Бобан Мишевски.

Додаде дека по спасувањето и поставување на основите за функционирање, потребен е поголем спонзор за уште поголема стабилност на клубот. Според раководството сега е време за нешто повеќе, односно воздигнување на клубот.

- Активно работиме на изнаоѓање на стабилен спонзор кој ќе вложи во клубот и кој ќе обезбеди финансиска стабилност на истиот. Ова беа дел од активностите кои во изминатиот период беа спроведени од наша страна. Ми причинува задоволство што во овој момент можам да кажам дека клубот е далеку постабилен од наследениот лани овој период. Но, ајде веќе еднаш да не спасуваме, туку да воздигнуваме. Секој поединец или фирма нека одвои сума во рамките на своите можности и нека помогне во битката за ФК Тетекс. Бидете наш ветер во грб народски кажано. Работиме неуморно одговорно и чесно. И ќе продолжиме така, ајде да покажеме дека сме вистински фанови на она што е наше, на она што со години постои, порача Мишевски.

На спортски план сето ова резултираше и со подобар пласман и место во горниот дел од табелата во Втората лига.

- Секојдневните тренинзи даваат резултати и покажуваат значителни подобрување во бодовите од табелата на Втората македонска фудбалска лига. Засега, котираме високо во првиот дел од оваа табела. Но, тука не застануваме. Нашиот тим неуморно работи на остварување на нашата визија. Во периодот што следи пред нас акцент ќе ставиме на младите категории. Планот е нивна реконструкција цел да „произведуваме“ квалитетни играчи кои утре ќе бидат носители на играта, дел од репрезентацијата или да имаат интернационални кариери, посочи Мишевски.

Дел од процесот беше повикувањето нови фудбалери и нов шеф на стручен штаб, обезбедена е комплетно нова опрема. Управата посочи дека во постапка е обезбедување на подобар сопствен терен. ас/зс/

Фото: ФК Тетекс

Остани поврзан