• четврток, 25 декември 2025

Еден од пет луѓе во земјава користи ВИ алатки, во ЕУ речиси секој трет 

Еден од пет луѓе во земјава користи ВИ алатки, во ЕУ речиси секој трет 

Скопје, 18 октомври 2025 (МИА) – Во земјава еден од петмина (22%) на возраст од 16 до 74 години, годинава користел алатки за генеративна вештачка интелигенција (ВИ). Повеќето ги користеле за лични цели (15,76%), додека 8,55% ги користеле за работа. Речиси еден од десет (9,4%) ја користеле за формално образование. 

На ниво на ЕУ речиси една третина (32,7%) од луѓето на возраст од 16 до 74 години во ЕУ годинава користеле ВИ алатки. Повеќето ги користеле за лични цели (25,1%), додека 15,1% ги користеле за работа, а 9,4% за формално образование, покажуваат податоците за употребата на ИКТ во домаќинствата и од страна на поединци објавени од Евростат. 

Како најчеста причина зошто не користеле ВИ алатки 43% од граѓаните на Северна Македонија рекле дека немале потреба, 11% зошто не знаеле како да ги користат, додека 2% поради загриженост за приватноста и безбедноста. 

Во Европа лидер во користење на ВИ алатки е Норвешка (56,32%), а најмалку 17,19% ја користеле граѓаните во Турција.

Од земјите во регионот најмногу алатки за генеративна вештачка интелигенција рекле дека користат граѓаните на Грција (44,09%) и Словенија (37,56%). Потоа следи Хрватска (27,52%), Бугарија (22,5%) и Македонија (22,03%). Најмалку ВИ алатки користат граѓаните на Србија (18,64%) и Босна и Херцеговина (20,26%).

На ниво на ЕУ, употребата на алатки за генеративна ВИ најраспространета е во Данска (48,4%), Естонија (46,6%) и Малта (46,5%). Спротивно на тоа, најмал удел на луѓе кои користат алатки за генеративна ВИ е забележан во Романија (17,8%) и Италија (19,9%).

Во ЕУ, 94% од поединците користеле интернет во последните три месеци во 2025 година, додека четири проценти ја поминале целата година без да користат интернет.

За поврзување на интеренет, мобилни уреди користеле речиси 9 од 10 лица во ЕУ, додека 74% од поединците нарачале или купиле услуги или стоки преку интернет.

Во земјава лани 91 процент од домаќинствата имале пристап до интернет, што е значителен раст споредено со 2015, кога тој број изнесувал 69%. Околу 6,86 проценти од граѓаните ја поминале целата година без да користат интернет.

За поврзување на интренет најголем дел луѓето користеле мобилен уред (91,5%), околу 20% десктоп компјутер, 35% лаптоп и 9% таблет. 

Најчесто или 86 проценти од луѓето во земјава интернет користеле за телефонирање или видео разговори, 78 проценти за пристап до социјални медиуми и 41% за испраќање и примање електронска пошта. Околу 42% од граѓаните нарачале или купиле услуги или стоки преку интернет лани, што е двојни повеќе споредено со 2020 кога тоа го направиле 21 процент. аа/са/

Фото: МИА архива/Еуростат

Остани поврзан