• понеделник, 23 декември 2024

Европскиот суд за човекови права ја осуди Белгија за предолго траење на судска постапка   

Европскиот суд за човекови права ја осуди Белгија за предолго траење на судска постапка   

Брисел, 6 септември 2023 (МИА) – Белгија го прекршила правото на правично судење со тоа што дозволила граѓанскиот спор да се одолговлекува седум години, соопшти Европскиот суд за човекови права со седиште во Стразбур. 

Врз основа на оваа одлука, Европскиот суд пресуди дека Белгија на подносителот на тужбата треба да му исплати 5.000 евра на име „морална отштета“. 

Како што јави специјалниот известувач на МИА од Брисел, станува збор за судски спор покренат во 2015 година пред франкофонски Првостепен суд во белгискиот главен град со кој тужителот бара договор продажба на стан да биде прогласен за ништовен и неважечки затоа што бил склучен без негова согласност, но постапката се уште не е завршена ни седум години подоцна. 

Судот во Стразбур во својата пресуда оцени дека Белгија го прекршила правото на правично судење регулирано со Европската конвенција за човекови права, бидејќи не дала објаснување за причините за ваквото одолговлекување на судскиот процес. 

- Колку и да е сложен случајот, Судот не може да го смета за разумен долгиот период на необјаснето процедурално одолговлекување, се заклучува во пресудата. 

Судот нагласува и дека долгите судски постапки не се непозната практика во Белгија, што прераснува во системски проблем, кој првенствено се должи на недостигот на судски кадар и ресурси. 

Судскиот совет на Белгија во 2018 година предупреди на недостиг на судии, пред се во судовите во кои постапките се водат на француски јазик. Според податоците на Советот, во 2017 година во франкофонските судии во Белгија имало 633 празни места за судии, од кои дури 292 стојат непополнети од 2011 година. Ваквиот недостиг пред се е резултат на намалениот број пријавени кандидати за полагање судски испит, чии број од 600 во 2011 се свел на 258 во 2017 година. 

Во Извештајот за владеењето на правото во ЕУ за 2022 година на Европската комисија, исто така, се посочува на недостигот на кадар и ресурси во белгиските судови, поради што и беше сугерирано на Белгија „да продолжи мерките за обезбедување соодветни човечки и финансиски ресурси за потребите на правосудниот систем“. сп/ 

Фото: МИА Архива  

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан