• недела, 22 декември 2024

Европа првпат регистрира над 100 илјади заразени со Ковид-19 за 24 часа

Европа првпат регистрира над 100 илјади заразени со Ковид-19 за 24 часа
Брисел, 9 октомври 2020 (МИА) -  Во Европа за првпат се регистрирани над 100.000 новоинфицирани со новиот коронавирус за последните 24 часа, откако бројот на новоинфицирани во држави како Русија и Велика Британија не престанува да се зголемува во последните пет дена. Светската здравствена организација денес соопшти дека повторно е забележано рекордно еднодневно зголемување на глобалните случаи на коронавирус, а за 24 часа има 350.766 нови случаи. Во моментов во Европа има повеќе од 16 отсто од инфекциите на светско ниво со вирусот и речиси 22 отсто од смртните случаи низ целиот свет. Вчера, кога новозаразените ја надминаа границата од 100.000, Источна Европа беше најпогодениот регион со повеќе од 33.600 новоинфицирани. Во Западна Европа, Франција забележа рекордни 20.339 инфекции во последните 24 часа, при што болниците влегоа во режим на итни случаи, а најголемите градови во земјата затворија установи за да се ограничи понатамошното ширење на вирусот. Новите инфекции низ Европа растат во текот на изминатата недела, дури и кога новите инфекции во најпогодените земји, како што се Индија и Бразил, покажуваат знаци на забавување. Епицентарот на инфекцијата во европскиот регион се пресели во Велика Британија, Русија, Шпанија и Франција, кои регистрираа најмалку 10.000 заразени во секој од последните три дена. Русија денеска соопшти за најголем број на заразени лица во текот на денот од почетокот на епидемијата, бидејќи претходниот рекорд беше во мај, што ги натера властите во Москва да размислат за затворање барови и ноќни клубови. Белгија воведе и построги контроли врз собирите, бидејќи земјата бележи зголемување на нови инфекции. Новите случаи на коронавирус се зголемија повеќе од 2,6 пати од почетокот на октомври. Ковид-19 однесе повеќе од 10.000 животи во државата, во која живеат 11 милиони жители. Во Европа, бројот на заразени за 24 часа во просек е околу 78.000 од почетокот на октомври, во споредба со просечно 47.500 новоинфицирани во септември. зш/

Остани поврзан