Д-р Панче Дамески доктор по ветеринарна медицина за МИА: Се зголемува бројот на педигрирани кучиња, но и бројот на заболувања кај домашните миленици
- Во Македонија се чуваат повеќе од 150 признати раси на кучиња. Чувањето на домашни миленици и посебно педигрирано куче повеќе не е мода или престиж, туку тоа се прави од љубов кон кучето, вели за МИА, универзитетскиот професор по ветеринарна медицина, д-р Панче Дамески, од неодамна декан на Ветеринарен факултет при УКЛО-Битола. Според професор д-р Дамески кој освен ветеринар е и кинолошки судија, сопствениците на домашни миленици се доволно едуцирани, но никогаш не треба да заборават на здравјето на кучињата бидејќи се почесто заболуваат од кучешки грип, кучешка кашлица и туморозни/канцерогени заболувања.
Битола, 25 декември, 2025 (МИА)
Марјан ТАНУШЕВСКИ
Во земјава се чуваат повеќе од 150 признати раси на кучиња. Чувањето на домашни миленици и посебно педигрирано куче повеќе не е мода или престиж, туку тоа се прави од љубов кон кучето, вели за МИА, универзитетскиот професор по ветеринарна медицина, д-р Панче Дамески, од неодамна декан на Ветеринарен факултет при УКЛО-Битола.
Според професор д-р Дамески кој освен ветеринар е и кинолошки судија, сопствениците на домашни миленици се доволно едуцирани, но никогаш не треба да заборават на здравјето на кучињата бидејќи се почесто заболуваат од кучешки грип, кучешка кашлица и туморозни/канцерогени заболувања.

Каква е сликата со расни, педигрирани кучиња во земјава?
-Во Македонија има голем број на расни кучиња, според мојата проценка во земјава се чуваат повеќе од 150 признати раси на кучиња кои се евидентираат во Кинолошки сојуз на Македонија. Кинолошкиот сојуз на Македонија како членка на светската Кинолошка федерација одржува национални и меѓународни изложби со висок квалитет. Кинологијата е развиена и зема се поголем замав и во таа смисла мило ми е што чувањето на домашни миленици и посебно педигрирано куче повеќе не е мода или престиж, туку тоа се прави од љубов кон кучето. Инаку, годишно во Македонија се регистрираат три до четири илјади кучиња што се со педигре. Животот е празен доколку се нема куче како постојан придружник. Кучето е благодет, тоа е подарок од Бога кој треба да го негуваме. Во светот не постои такво животно кое безрезервно, без никакви услови ќе ве сака бескрајно и бесконечно од првиот ден, до крајот на својот живот. Кучето не бара ништо од нас, тоа го бара само нашето внимание, нашата љубов кон него, а за возврат неговата љубов кон нас е безкрајна и безусловна. Кучињата се среќни кога живеат со своите сопственици и такви карактеристики нема ниту едно друго животно. Улогата на кучето е во текот на денот да не оддалечи од секојдневните проблеми, од стресни ситуации...и затоа треба да се грижиме за кучињата.
Кога се работи за здравјето на домашните миленици, дали периодот есен-зима за нив е посебно чувствителен? Кои здравствени проблеми најчесто се појавуваат?
-Слично како кај луѓето, така и кај домашните миленици, во секој период од годината кога се случуваат нагли промени на температурите на воздухот има влијание врз отпорноста по здравјето на домашните миленици. Стрес факторот кај домашните миленици ја намалува отпорноста и го прави организмот подложен на одредени инфекции кои не се манифестираат како болест, но со намалување на отпорноста, вирусните заболувања кај домашните миленици предизвикуваат проблеми. Затоа е добро сопствениците на домашни миленици во период кога има премин од лето во есен или есен во зима, да посветат внимание на здавјето кај домашните миленици. Препорачуваме поквалитетна исхрана и витамински додатоци и на тој начин ќе се спречи промените да влијаат врз нивното здравје.

Кога се појавуваат кучешката кашлица, кучешкиот грип и што влијае врз таа појава?
-Заразната кашлица кај кучињата е карактеристична вирусна болест која претежно се јавува во одгледувалишта на кучиња, додека поретко се јавува кај кучиња што се чуваат во домашни услови или во двор. Кучешката кашлица не е толку опасна болест, но ако не се лекува, и ако не се помогне со медикаменти и антибиотици, витаминска терапија или со подобрување на условите за чување, тогаш може да се предизвикаат поголеми последици дури и со фатален крај кај кучиња на рана возраст. Овие вирози најчесто ги има во есен и напролет, а поретко во лето или зима, затоа што организмот се адаптира, а имунитетот е на повисоки ниво. Болеста заразна кашлица не се пренесува на луѓе, таа е специфична само за кучињата и таа за нив е заразна и пренослива.
Кај кучињата зачестува болеста рак/канцер, на што се должи тоа?
-За жал туморозните заболувања или како што народот вообичаено вели рак, се многу чести кај домашните миленици. Оваа појава е честа причина за зголемена смртност или угинување кај домашните миленици. Кај постарата генерација кучиња, на девет или десет години, ова тумурозно заболување е причина за повеќе од 30 до 40 отсто угинување на домашните миленици кои страдаат од канцерозни заболувања. Причина за толку висок процент на заболување од тумор може да се новите услови за живот, изменет начин на исхрана на милениците или предиспозицијата на самите животни. Буквално, скоро секое второ животно има проблеми со туморозни заболувања. Но, добро е што сите не се малигни и не се сите фатални, меѓутоа дефинитивно се јавуваат кај голем дел од популацијата на домашни миленици. Кога болеста ќе се дијагностицира и потврди, лекувањето е комбинирано. Пристапот на лекување кон ова заболување во ветеринарната медицина е поинаков и не се оди само на хирургија. Оперативното лекување постепено се напушта и се применуваат други методи за помош на домашните миленици. Може да се примени хемотерапија која кај кучињата е многу ефикасна, може и имунотерапија за зголемување на отпорноста на имунитетот на кучињата, а може да се менуваат и подобрат навиките за исхрана која доколку е поквалитетна ќе придонесе да се намали процентот на посоченото заболување. Во одредени случаеви се применува хирургијата како дел од начинот на третирање на ова заболување. Во секој случај неопходен е мултидисциплинарен пристап кон овие заболувања. Во вакви ситуации за нас е важна и улогата на сопствениците на домашните миленици и затоа мора да ги едуцираме за да се придржуваат кон советите што им ги даваме, и во таа смисла имаме голем успех во лекувањето на малигните заболувања кај кучињата продолжувајќи го нивниот животен век и истиот да им биде квалитетен.

Дали се потребни редовни здравствени контроли?
-Препорачливо е еднаш или два пати годишно, сопственикот на домашен миленик да го посети матичниот ветеринар за преглед на животното. Тоа го правиме и при редовна вакцинација, тогаш вршиме испитување на крвта и виталните органи како што се срце, бели дробови, бубрези и црн дроб. Важно е секогаш да се знае здравствената состојба на кучињата и ако има потреба за интервенција, брзо ќе реагираме. Секој рутински преглед на животното е значаен. Патем познато е дека во Македонија согласно Закон има задолжителна вакцина за кучињата, а тоа е вакцината против болеста беснило. Тоа значи дека секој сопственик на миленик мора еднаш годишно да го вакцинира кучето против болеста беснило која всушност е зооноза, болест што може да се пренесе од куче на човек. Вакцинирањето кај кучињата е важно затоа што го штити и човекот од фатални завршници. Освен оваа, кај кучињата препорачливи се и неколку други вакцинации кои се ставаат од најрана возраст за нивна заштита.
Кои болести кај домашните миленици се преносливи кај луѓето?
-Освен беснилото, има и некои други болести што се заеднички на кучињата и човекот, како што на пример е паразитарната болест кучешка тенија. Единствена превентива за оваа болест е редовното прочистување на домашните миленици против внатрешни паразити, но и против надворешни паразити кои може да ги има на кожата. Ова третирање превентивно се врши на секои три месеци. Проблемот со кучешката тенија е многу поголем кај кучињата што живеат во село и тоа е голем проблем. Според моите истражувања и добиени податоци, околу 80 отсто од луѓето во Македонија кои биле оперирани од кучешка тенија, всушност тие дома немаат куче! Инфекцијата најчесто се добива поради недоволно измиен зеленчук (марула, млад кромид...) или оние земјоделски производи кои доаѓаат од селските средини, места каде што кучињата слободно се движат, но нивните паразити може слободно да се лепат врз земјоделските производи и ако се конзумираат недоволно измиени, тогаш предизвикуваат инфекција и болест.

Дали луѓето што имаат домашни миленици се доволно едуцирани? Како и на кој начин се здобиваат со знаења?
-Сопствениците на миленици се солидно едуцирани и се повеќе на правилен начин се грижат за своите миленици. Денеска полесно се доаѓа до информација, преку интернет се добиваат многу информации и мило ми е што таа култура за чување на домашни миленици е на исто ниво како што е во цела Европа. Секако дека има простор за подобрување, но на добар пат сме чувањето на миленици да биде без никакви опасности пред се за сопственикот и неговото семејство, и да може безгрижно да уживаат во заедничкиот живот долги години, односно колкав што е животот на еден миленик.
Вие, освен што помагате и едуцирате, како и каде пренесувате знаења?
-Јас сум избран професор на Ветеринарен факултет во Битола, од неодамна и декан. Во факултетот ги предавам предметите хирургија, општа хирургија, хирургија со анестезиологија, а дополнително како изборен предмет предавам кинологија. Посебно сум задоволен кога моите искуства и знаења ги пренесувам на студентите, а очекувам и нови генерации. Затоа апелирам до сите млади луѓе што имаат афинитет кон домашните животни и миленици, својата професија да ја насочат кон ветеринарната медицина затоа што токму во Битола има Ветеринарен факултет кој овозможува студирање во своето место. Едуцираме идни ветеринари, но и лица што ќе се посветат на кинологијата, а посакувам многумина како мене да станат кинолошки судии и да судат како што јас тоа го правев и правам во над 30 држави во светот, во Европа, Азија, Африка....
Фото: МИА и архива на д-р Дамески