• петок, 22 ноември 2024

Државниот завод за ревизија објави „Укажување за начинот на постапување со движни ствари сопственост на општините“

Државниот завод за ревизија објави „Укажување за начинот на постапување со движни ствари сопственост на општините“
Скопје, 17 септември 2021 (МИА) -  Државниот завод за ревизија на својата WEB страница објави „Укажување за начинот на постапување со движни ствари сопственост на општините“. - Oстварувајќи ја својата улога „чувар на јавните средства” Државниот завод за ревизија, во пресрет на локалните избори за членови на советите на општините и советот на градот Скопје и за градоначалници на општините и градоначалник на градот Скопје кои ќе се одржат на 17 октомври 2021 година, укажува на Советите на општините, дека со носење на одлуки во делот на движните и недвижните ствари во сопственост на општините потребно е да обезбедат законитост на истите и владеење на правото, се наведува во денешното соопштение од ДЗР. Државниот завод за ревизија, се подвлекува, со вршење на ревизии на единиците на локалната самоуправа, во континуитет констатира несоодветно постапување на Советите на општините носејќи одлуки за пренесување на сопственост на преносни компјутери и мобилни телефони (движни ствари) на членовите на Советот без надомест, притоа оштетувајќи го имотот на општината, за остварување на лични цели. Ваквото постапување, стои во соопштението од ДЗР, не e во согласност со одредбите од Законот за располагање со ствари во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, со член 64 и 66 од Законот за локална самоуправа каде е утврдено дека Општината со сопственоста располага како добар домаќин и стварите во сопственост на општината може да се продаваат по пат на електронско јавно наддавање, со цел чување и соодветно користење на имотот на единиците на локалната самоуправа. - Исто така, ваквото постапување не е во согласност со член 54 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси согласно кој секое службено лице е должно да ги чува државните средства што му се доверени и со нив да располага на најекономичен начин и за однапред определените намени. Забрането е средствата да се користат за приватни цели или да се даваат на друг на користење, соопштија од ДЗР. Државниот завод за ревизија упатува на законито, етичко, одговорно и транспарентно работење од страна на сите службени лица. цр/ац/

Остани поврзан