• недела, 22 декември 2024

ДПМ: Продолжен рокот до 1 септември за конкурсот за наградата „Мост“

ДПМ: Продолжен рокот до 1 септември за конкурсот за наградата „Мост“

Скопје, 9 август 2024 (МИА) - Рокот за достава на дела на конкурсот за наградата „Мост“ на Друштвото на писателите на Македонија за 2023 година, за дела објавени на некој од јазиците на националностите, се продолжува до 1 септември (недела).

Од ДПМ потсетуваат дека согласно Правилникот за доделување на годишните награди на Друштвото, за секоја од наградите потребно е да се достават најмалку три дела за да биде конституирана жири-комисија и наградата да се додели. 

За наградата „Мост“ можат да конкурираат прозни дела, збирки поезија, книги за деца и млади, како и книги со книжевна критика и есеистика.

-За учество, потребно е до ДПМ да биде доставено делото испечатено на изворниот јазик, како и превод/препев на дел од делото. Конкретно, треба да се достават најмалку 20 страници од делото (за прозни дела), најмалку 10 песни (за дела напишани во стихови), или најмалку 25 проценти од книгата (за книги за деца и млади). Се предлага преводите да претставуваат смисловни целини (расказ, поглавје, есеј, итн.), да бидат извадени од различни делови/циклуси (доколку делото е поделено на делови/циклуси) и да бидат редактирани на македонски јазик,наведуваат од ДПМ.

За наградата „Мост“ можат да конкурираат сите активни членови на ДПМ, кои ги имаат подмирено своите членарини во Друштвото, стои во соопштението од Друштво на писатели на Македонија. вг/са/

Фото: МИА Архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан