• петок, 22 ноември 2024

Донирани 46 лични предмети на големиот македонски поет Анте Поповски во Музејот на македонската борба за самостојност

Донирани 46 лични предмети на големиот македонски поет Анте Поповски во Музејот на македонската борба за самостојност
Скопје, 24 септември 2021 (МИА) – На иницијатива на Музејот на македонската борба за самостојност, семејството Поповски донира 46 лични предмети на големиот македонски поет Анте Поповски, соопшти директорката на музејот Даниела Николова на отворањето на четвртото издание на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“.
Едно уметничко дело, признанија, лични ракописи, ордени и други документи ќе го красат музејскиот фундус.
Директорката на Музејот, Даниела Николова изрази благодарност до семејството на Анте Поповски и најави голема ретроспективна изложба на која сите овие предмети ќе бидат претставени пред пошироката јавност. Годинашниот добитник на почесното признание „Антева златна книга“ е академик Влада Урошевиќ. Наградата му ја врачи професор д-р Венко Андоновски.   Добитник на наградата „Антево перо“ е поетот Братислав Ташковски за книгата „Небесни разговори“,наградата „Антев златник“ ја добија Елизабета Баковска за збирката поезија „Сите болки станаа мои“ и Димитар Арнаудов за книгата „Ѕвезден часовник“. Наградата за млад автор – „Антев часовник“ и припадна на Марија Филипова за книгата „Твоите далги на брегот на Стикс“. Антевиот часовник што и беше врачен на младата авторка Филипова, всушност припаѓал на великанот Поповски.   Како дел од манифестацијата се одржа и поетско читање на кое настапија овогодишните добитници на наградата „Антево перо“. За оваа награда конкурирале дури 69 автори. Синот на Анте Поповски, Александар вели дека во изминатите четири години откако постои манифестацијата, пријавени се 320 електронски книги.   Манифестацијата продолжува и утре во Лазарополе, родното место на Анте Поповски со научниот симпозиум „Антево дело“, којшто од годинава има меѓународен карактер. На симпозиумот ќе учествуваат десетина истакнати книжевни проучувачи, при што ќе се отворат и прашања за досега помалку истражувани сегменти од волуменозниот творечки опус на Поповски. Во Лазарополе ќе биде организирана и вечер со творештвото на академик Анте Поповски, именувано според неговата прва книга – „Одблесоци“, а во текот на третиот ден од манифестацијата, учесниците ќе ја посетат неговата родна куќа по што во Паркот на книжевноста ќе се одржи поетското читање „Провиденија“.свс/ки/

Остани поврзан