Донахју: Мултилатерализмот е клучен за обезбедување ефективни и одржливи резултати
- ММФ и Светската банка минатата година ја прославија својата 80-годишнина, а сега, можеби повеќе од кога било во последно време, овие институции ни требаат за да помогнат во справувањето со глобалните предизвици со кои се соочуваме, истакна Донахју.

Брисел, 23 април 2025 (МИА) - Во услови на тековните глобални конфликти и неодамнешните економски турбуленции, мултилатерализмот останува клучен за обезбедување ефективни и одржливи резултати, порача претседателот на Еврогрупата и ирски министер за финансии Паскал Донахју пред заминувањето за Вашингтон, каде оваа недела ќе учествува на пролетните состаноци на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) и Светската банка.
- ММФ и Светската банка минатата година ја прославија својата 80-годишнина, а сега, можеби повеќе од кога било во последно време, овие институции ни требаат за да помогнат во справувањето со глобалните предизвици со кои се соочуваме, истакна Донахју.
Тој додаде дека за време на неговиот престој во Вашингтон „со нетрпение очекува“ да одржи серија „конструктивни ангажмани“ со колегите министри и претставниците на ММФ и Светската банка за тоа како најдобро да се решат актуелните економски предизвици и да се унапредат заедничките цели.
Како што соопшти Советот на ЕУ, како претставник на Еврогрупата, која ја сочинуваат земјите членки на Унијата што го користат еврото како национална валута, Донахју во Вашингтон ќе учествува на состанокот на министрите за финансии и гувернерите на централните банки на Г7, како и на низа средби во организација на ММФ.
Главните теми на дискусија, како што се наведува во најавата, ќе ги вклучуваат глобалните економски и развојни предизвици во услови на се понеизвесен економски амбиент.
- Пролетните состаноци, исто така, ќе бидат можност за средби со деловни лидери, високи функционери и меѓународни партнери. Министерот Донахју ќе учествува и на повеќе медиумски настани за истакнување на агендата на европската економска и финансиска политика, се додава во соопштението. сп/
Фото: МИА Архива