• четврток, 19 декември 2024

Донаторска недела по повод Светскиот ден на предвременото породување

Донаторска недела по повод Светскиот ден на предвременото породување
Скопје, 8 ноември 2022 (МИА) - По повод 17 Ноември – Светскиот ден на предвременото породување, Организацијата „Лулка“ и оваа година го одбележува денот под слоганот „Родителска прегратка: Моќна терапија“. Денис Ал Кхалили, претседател на „Лулка“ на денешниот брифинг со медиумите информираше дека по повод Светскиот ден на предвременото породување, организацијата спроведува активности што имаат за цел да ја подигнат свеста за предвременото породување, да се обезбедат финансиски средства за осовременување и подобрување на третманот кај овие бебиња, како и поддршка за семејствата кои имаат предвреме родено бебе. - Нашите активности започнуваат со дарителска недела што ќе трае од 10 до 17 ноември. Отворена е посебна сметка на организацијата, наменета за донации, а средствата што ќе бидат прибрани ќе бидат насочени пред сè за средби за групи за поддршка на овие семејства кои навистина имаат голема потреба, но и за оние кои имаат ризична бременост. Дел од средствата ќе бидат насочени и за опрема каде што има потреба за третман, но и за обука на здравствените професионалци кои работат со предвремено родени бебиња, изјави Ал Кхалили. Очекува добар одзив на дарителската акција, а тоа што ќе биде донирано ќе биде насочено кон современите типови на нега или лекување како што се користење на мајчино млеко, неинвазивна вентилација, поддршка и подобро лекување, се со цел овие бебиња понатаму да имаат подобар развој. Донацијата може да се реализира на сметката „Здружение Лулка Скопје – Донации“ отворена за дарителската недела – Ж-ска број: 300000004904647. ки/нд/

Остани поврзан