• сабота, 23 ноември 2024

Доделување на наградите СОКОМ и концерт на гудачкиот оркестар „Ајга“

Доделување на наградите СОКОМ и концерт на гудачкиот оркестар „Ајга“
Скопје, 31 октомври 2022 (МИА) - Во Камерната сала на Филхармонија, денеска во рамки на втората сезона на фестивалот „Денови на македонска музика“, новоформираниот гудачки оркестар „Ајда“ под диригентско водство на младата диригентка Ана Спасовска ќе изведе дела од Љубомир Бранѓолица, Љупчо Константинов, Александар Пејовски, Стојан Стојков и Тодор Скаловски (оркестрација Ристо Аврамовски). Како солисти ќе настапат Маја Чаначевиќ - англиски рог, Горан Јанев - хорна и Владимир Костов - виолина. - Идејата за формирање на ансамблот „Ајга“ произлезе од неопходноста да се оформи гудачки оркестар, што ќе го проследи во својот опус творештвото од музичкиот барок до денес, со особен акцент на современите автори. Составен е од млади, но веќе добро познати имиња на класичната музичка сцена во Македонија, со што ќе дојде до израз нивната енергија, полетност, но и исполнителска зрелост, наведоа од Сојузот на композиторите на Македонија. Наградата „Трајко Прокопиев“, што е највисоко професионално признание кое го доделува СОКОМ на музички творци и музички писатели за долгогодишни значајни остварувања во областа на музичкото творештво и музикологијата,  се доделува на македонскиот композитор Љупчо Констатинов. Наградата „Георги Божиков“ што Сојузот на композитори на Македонија – СОКОМ ја доделува на музички уметници и ансамбли за најуспешна јавна изведба на дела од македонски композитори во текот на една година, за 2021 година се доделува на камерното дуо Владимир Костов - виолина и Марија Вршкова - пијано. см/мд/

Остани поврзан