• понеделник, 23 декември 2024

Доделени 64 решенија за одобрување финансиска поддршка за набавка на трактори во Прилеп

Доделени 64 решенија за одобрување финансиска поддршка за набавка на трактори во Прилеп

Скопје, 21 јуни 2023 (МИА) - Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој Никица Бачовски ги додели првите 64 решенија за одобрување финансиска поддршка за набавка на трактори од Програмата за финансиска поддршка во руралниот развој.

Решенијата беа доделени на земјоделци од Прилеп и околните прилепски села.

По приемот на решенијата земјоделците имаат рок до 10 дена да ги посетат просториите на Агенцијата за финансиска поддршка и да потпишат договор по што би ја реализирале својата инвестиција.

-Поддршката која ќе ја добијат прилепските земјоделци преку програмата за рурален развој за набавка на нова механизација, односно набавка на нови трактори изнесува 47.5 милиони денари. Досега одобрени се вкупно 730 апликации по оваа мерка за што се одвоени 500 милиони денари. Со ваквата поддршка директно помагаме во процесот на модернизација на земјоделската механизација, намалување на трошоците за обработка на површините а со тоа и зголемување на конкуретноста на македонските земјоделци, истакна директорот Бачовски.

Финансиската поддршка се доделува по принцип на кофинансирање на вкупните прифатливи трошоци во висина од 50 - 75 отсто. По добивање на решенијата и склучување договор со Агенцијата, корисниците на финансиската поддршка во рок не подолг од 120 дена треба да достават барање за исплата со пропратна документација по што Агенцијата по административна обработка на истите ќе ја кофинансира инвестицијата. мч/дма/

Остани поврзан