ДКЦ Карпош ја слави Европската недела на мобилност со „Движи се за здравје“
- Со манифестацијата „Движи се за здравје“, Детски културен центар – Карпош ќе ја одбележи Европската недела на мобилност.
Скопје, 14 септември 2024 (МИА) - Со манифестацијата „Движи се за здравје“, Детски културен центар – Карпош ќе ја одбележи Европската недела на мобилност.
Како што информираат од ДКЦ Карпош, на 16 септември со почеток од 10 часот на Фонтана Лотус ќе биде вистински спортски спектакл со децата од градинките од Град Скопје.
- Целта на оваа манифестација е да се потсетиме дека вежбањето е еден од главните фактори за правилен раст и развој на децата, како и за подобрување на моторичкиот развој уште од рана предучилишна возраст. Децата преку вежбањето и движењата, ќе ја откријат брзината и вештината на поминување на поставените полигони, возењето велосипед, тротинет и други спортски активности кои ги подготвивме за нив, стои во соопштението од Центарот кој ја организира манифестацијата во соработка со Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.
На 17-ти и 18-ти септември со поддршка на Град Скопје во центарот во Старата скопска чаршија со почеток во 19 часот првпат ќе се одржи манифестација „Ритамот на чаршијата“, чија цел, е да ја заживее чаршијата од еден поинаквов агол, во духот на ритамот.
Како што информираат од центарот, оваа година ќе се популаризираат објектите Куршумли Ан и Чифте Амам каде што настап ќе има вокално инструменталниот состав „Аманет“, и концерт на класична гитара. ар/лв/
Фото: ДКЦ Карпош