• четврток, 14 ноември 2024

ДКСК препорачува да се исфрли балансерот од Законот за административни службеници, луѓето лажат за да се вработат

ДКСК препорачува да се исфрли балансерот од Законот за административни службеници, луѓето лажат за да се вработат
Скопје, 17 ноември 2021 (МИА) - Билјана Ивановска, претседател на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), на денешната седница говореше за предмети кои пристигнуваат до Антикорупција за тоа кога кандидати за вработување ја менуваат националноста, со цел да ги исполнат условите од балансерот и да се вработат. Таа конкретно образложи предмет, при што е утврдено дека во Агенцијата за вработување кандидат за вработување е заведен како Македонец, а примен е како Албанец. - За жал, ова не е првпат и за жал немаме начин како да се казнат, оти не е предвидена ваква казна во законите. Единствена препорака ќе биде, а и онака се прави законот за административни службеници, балансерот да се исфрли од употреба, заради тоа што нема ефекти, луѓето лажат, за да се вработат. Балансерот џабе постои, во секој случај нашата Комисија отсекогаш се залагала за вработување квалитетни кадри, што ќе ги исполнуваат критериумите за квалитет и затоа нема потреба луѓето да се ставаат во вакви состојби, рече Ивановска. ДКСК ќе го архивира предметот, а препораката ќе ја достави до Министерството за информатичко општество и администрација. Шемши Салаи, член на ДКСК образложи предмет во кој се работи за избор на советник во Советот на општина, а истовремено е вработен во МВР, како униформиран полициски службеник. ДКСК по разгледување на случајот и врз основа на важечките закони утврдила дека станува збор за неспоивост на функции и прекршување на забраните предвидени со закон. Предлага на лицето да му се поднесе прекршочен платен налог за сторен прекршок неспоивост на функцијата, да се извести МВР каде е тој вработен, да се бара да се поведе дисциплинска одговорност, да се извести лицето за состојбата во која се наоѓа и да преземе соодветни мерки, како и да се испрати известување до Советот на Општината. Салаи откако го образложи предметот во однос на договорот од 2016 година на ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски, за што имали пријава за противзаконско земање надоместоци - плата како редовен вработен во ЈЗУ Универзитетска клиника за дигестивна хирургија Скопје, како редовен професор и вршење должноста ректор, ДКСК заклучи дека нема можност за понатамошно постапување согласно законски утврдените надлежности и постапката се запира. Јанкуловски откако ДКСК побарало од него да поднесе барање за мирување на рабониот однос во Универзитетската клиника за времетраењето како ректор на УКИМ, повел управен спор против Антикорупција при што е оспорено ова барање. Управниот суд тужбата на Јанкуловски ја уважува и смета дека од негова страна не се преземени незаконски дејствија спротивно на Законот на спречување на корупција и судир на интереси од причина што согласно уставот на РС Македонија, Универзитетот има своја автономија Билјана Ивановска, претседател на ДКСК се надоврза и информира дека од минатата година Јанкуловски има нов договор, но и нова пријава до Антикорупција, за што ќе се произнесат на следната седница. цр/са/

Остани поврзан