• понеделник, 23 декември 2024

Директорот на БЈБ Тасевски во работна посета на РЦ Запад, аеродромот „Св. Апостол Павле“ и СВР Охрид

Директорот на БЈБ Тасевски во работна посета на РЦ Запад, аеродромот „Св. Апостол Павле“ и СВР Охрид

Скопје, 21 јули 2023 (МИА) - Директорот Сашо Тасевски заедно со стратешката група при Бирото за јавна безбедност (БЈБ) денеска во рамките на реализација на мерките и активностите предвидени со оперативниот план „Безбедно лето 2023“ остварија работна посета на ПС за ГП Аеродром „Св. Апостол Павле“ во Охрид и на Регионалниот центар за гранични работи „Запад“,  при што беше остварена работна средба со раководствата на овие организациони единици и СВР Охрид. 

Како што информираат од МВР, од страна на раководството на СВР Охрид директорот Тасевски беше информиран за безбедносната состојба на подрачјето на СВР Охрид која е на задоволително ниво, а вкупниот криминал во изминатите шест месеци, споредбено со истиот период минатата година, бележи намалување за 24,8 отсто.

-Директорот Тасевски го поздрави фактот што во делот на класичниот криминал евидентирано е намалување за 22,7 отсто, а посебно намалување има на тешките кражби на подрачјето на СВР Охрид, и тоа за 33,1 отсто. Намалување има и во делот на економскиот криминал за дури 45,7 отсто, соопшти МВР.

Во делот на прометот на патници на западната граница, се додава во соопштението, во првата половина од оваа година се забележани значајни резултати во повеќето области, при што забележително е зголемување на протокот на патници на овие гранични премини за  16 проценти споредбено со истиот период од минатата година, односно регистриран е влез и излез на 1.527.153 патници. Директорот Тасевски беше информиран и за текот на воспоставувањето на режим на проток на патници на ГП Ќафасан со One Stop Control, каде веќе се изведени поголемиот дел од  конструктивните зафати, обезбедени се простории каде ќе се одвива контролата, како и информатичко-техничка поддршка.

Во делот на илегалната миграција, РЦ за ГР „Запад“  бележи намалување на илегалните преминување на нашата граница како резултат на мерките и активностите кој се преземаат на терен и добрата поставеност на нашите служби. Притоа, на западната граница се откриени 36 лица  при обид за незаконско преминување на државната граница на наше подрачје, наспроти минатогодишните 72 за истиот период. Зголемена откривачка функција за 10 отсто се бележи при откривањето на лица по оперативни евиденции, чиј број во овие 6 месеци изнесува 248, а зголемување од 63 проценти има и во делот на поднесени барања за поведување на прекршочна постапка по различни закони по кои постапува полицијата.

-За одбележување е податокот дека во изминатиот период активно се работеше со цел на уништување на околу 320 километри поставени рибарски мрежи, во кои се пронајдени и запленети 157 килограми уловена риба, велат од МВР.

Исто така, паралелно со репресивните, на ова подрачје се реализираат и превентивни мерки од различни области, па на подрачјето на СВР Охрид само во првите шест месеци од оваа година реализирани се вкупно 66 превентивни настани, а од 01.07.2023 интензивно се преземаат плански мерки и активности по „Безбедно лето 2023“.

Директорот Тасевски го изрази своето задоволство од постигнатите резултати, при што доби уверување дека вработените ќе продолжат интензивно да постапуваат по планираните активности во насока на унапредување на безбедноста на сите граѓани. вј/са/

Фото: МВР

 

Остани поврзан