• недела, 29 декември 2024

Директорката на КОВЗРГ Трајковска испрати телеграма со сочувство за упокојувањето на Митрополитот дебарско-кичевски, господин Тимотеј

Директорката на КОВЗРГ Трајковска испрати телеграма со сочувство за упокојувањето на Митрополитот дебарско-кичевски, господин Тимотеј

Скопје, 27 ноември 2024 (МИА) -  Директорката на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) Оливера Трајковска испрати телеграма со сочувство до Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА) и до Дебарско-кичевската епархија по повод  упокојувањето на Митрополоитот дебарско – кичевски и администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј.

- Со длабока тага ја примивме веста за упокојувањето на Митрополоитот Дебарско – кичевски и администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј и во овие мигови на сенародна тага во Македонската православна црква – Охридска архиепископија, дозволете ми од мое лично име и од име на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи (КОВЗРГ) да го изразиме нашето сочувство како акт на неизмерна почит кон делото на митрополитот кој со љубов и пожртвуваност ѝ служеше на Светата Црква и верниот народ, се вели во телеграмата.

Таа додава дека новопретставениот митрополит Тимотеј, како архиереј од втората генерација на епископи во возобновената Охридска архиепископија со децении, со голема посветеност извршуваше бројни тешки и одговорни пастирски и мисионерски должности во МПЦ - ОА, проповедаше, создаваше и градеше, неуморно водејќи го доверениот верен народ во неговата епархија, во државата и надвор во дијаспората.

- Митрополитот Тимотеј остави длабока трага во поновата македонска црковна историја бидејќи неуморно го чуваше единството на МПЦ - ОА и работеше за нејзина афирмација и рамноправност во семејството на Помесните православни цркви. Вашиот пример, вашата трудољубивост и посветена ангажираност ќе остане во трајната меморија во МПЦ - ОА. Останувате во нашите сеќавања, како архиереј кој вложи многу напори во развојот на Дебарско-кичевската и Австралиската епархија, како најпосветен член и портпарол на САС на МПЦ – ОА. Дедо Тимотеј, митрополитот - кој вложи огромен труд во повеќе црковни сегменти: во обнова на старите и во изградба на нови цркви и манастири, во процесот на денационализацијата, во образовните институции на МПЦ, во признавањето на МПЦ - ОА, во обновата на живиот монашки живот, притоа имајќи ги постојано на ум потребите на верниците. Вечнаја памјат владико! Вашиот македонски народ ќе Ви остане благодарен за секое добро кое го направивте! Најмалку што можеме да сториме е да Ве имаме во молитвите, исто како што Вие нѐ имавте во вашите молитви... Примете ги изразите на моето најдлабоко сочувство, се вели во телеграмата од директорката на КОВЗРГ Трајковска. мд/ац/

Фото: МИА архива 

Остани поврзан