• недела, 22 декември 2024

Дипломатски клуб упатува сочувство до семејството на Луан Старова

Дипломатски клуб упатува сочувство до семејството на Луан Старова
Скопје, 26 февруари 2022 Почина академикот и амбасадор Луан Старова. Членовите на Дипломатскиот клуб беа горди да соработуваат со овој наш космополит, роден во Подградец, образован во Скопје, Загреб и Париз. Луан Старова целиот свој непресушен талент и енергија, како автор и општественик ги посвети на развојот на културата и литературата, со вградување во нив на традицииите на нашето поднебје, паралелно афирмирајќи ги низ светските меридијани. Дел од својата кариера ја поминал во југословенската, односно македонската дипломатска служба, кога во 1985 година бил избран за вонреден и ополномоштен амбасадор на СФР Југославија во Тунис, а истовремено бил и нерезидентен (прв) амбасадор на СФР Југославија во Палестинската држава. По осамостојувањето на Република Македонија, во 1994 година беше именуван за прв вонреден и ополномоштен амбасадор на нашата земја во Франција, кога истовремено стана и прв постојан претставник на Република Македонија во УНЕСКО и нерезидентен амбасадор во Шпанија и Португалија. Л.Старова, исто така, бил во дипломатски мисии во земјите на Магреб, во прилог на независноста на Република Македонија и приемот во ООН. Од 2003 година Л.Старова станал редовен член на Македонската академија на науките и уметностите. Тој, исто така, бил почесен член на Албанската академија на науките, член на Медитеранската академија во Неапол и на Европската академија на науките и уметностите. Академик Луан Старова во нашата земја, Балканот, Европа и пошироко во светот, пред сè е познат како еден од најреномираните романописци. Според оценката на повеќе литературни критичари, посебно внимание заслужуваат неговите 17 романи од циклусот „Балканска сага“ кои се преведувани на повеќе светски јазици. Членовите на Дипломатскиот клуб со академикот и амбасадор Луан Старова имаа чести контакти, а по повод неговиот 80-ти роденден во нашето списание „Дипломатски летопис“, беше објавен пригоден осврт за неговата личност и дело. Извршниот одбор, во името на членовите на Дипломатскиот клуб, до семејството на покојниот и наш драг колега Луан Старова упатува сочувство, со изрази на длабока почит. Нека му е лесна земјата и вечна слава. Извршен одбор на Дипломатскиот клуб ————————————————————————————————————————— МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.  

Остани поврзан