• недела, 22 декември 2024

Димковски: Добар дел од пченицата ќе заврши како сточна храна во Грција

Димковски: Добар дел од пченицата ќе заврши како сточна храна во Грција

Скопје, 3 август 2023 (МИА) - Добар дел од домашната пченица годинава, за жал, ќе заврши како сточна храна во Грција, а дел ќе „отиде“ и на нашите фарми, за храна во живинарството и свињарството. Околу 20 000 тони лебно жито, пак, според разговорите со земјоделците на терен, можно е да завршат непродадени, складирани, вели државниот советник во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), Трајан Димковски. 

Димковски на денешниот брифинг со новинарите што го организира министерот за земјоделство Љупчо Николовски порача дека земјоделците мора да се посветат на количини и квалитет. Земјава секогаш ќе увезува, но ако имаме принос од четири тона, тоа ќе биде сосема доволно и не ќе има потреба да купуваме однадвор.

-Жито кај нас се увезувало и ќе се увезува. Увезуваме до 80 000 тони пченица и 40 000 тони брашно, најмногу од Србија. Но, ние повеќе пари трошиме за увоз на чоколади отколку за пченица или исто пари даваме за увоз на кафе како и за увоз на пченица. Веројатно сакаме да биде нешто атрактивно и да се продава како информација, нагласи Димковски.

Според него, по мерките за земјоделците, три денари за секој откупен килограм пченица и 100-процентно покривање на трошоците за складирање, сега се на потег мелничарите.

-Со овие мерки притисокот треба да биде кон млинарите зашто лебот остана ист, а тие набавуваат евтина пченица. Кога разговараме, тоа и го кажуваме, не може вие со 10 - 11 денари да купувате пченица, а лебот останува 33 - 35 денари, потенцира Димковски.

Тој уште еднаш напомена дека фокусот мора да биде на мерките кои ќе ги зголемат количините, приносот и квалитетот. 

-На почеток имамвме добри жита, но тоа не се покажа така и кога влегоа комбајните, а пракса е дека можеме да зборуваме за приноси кога комбајните ќе влезат на нивите. Годинава житата потфрлија, со намален принос, но и со квалитет и тука е клучот што постојано го зборуваме. Кај нас житото се заштитува само од плевели, но последниве години покажаа дека мора да се заштити и од болести. Затоа се повеќе при креирањето на политиките даваме значење на тој сегмент, мора да се користи вештачко ѓубре во оптимални количини. Во одредени подрачја или површини каде е слабо користено, излезе и со 56 хектолитри квалитетот на пченицата што е послабо и од јачменот. Имавме и со 73. Јасно е дека кој колку вложил, толку и добива. На исти површини за иста класа земја има и 2,5 - 3 тона, но и 6 - 7 тона по хектар печница, зависно од домаќинството, колку вложило. мч/дма/

Фото: МИА и МИА архива

Остани поврзан