• петок, 05 декември 2025

Димитриевски најави нови паркинзи, зелени површини и детски катчиња на повеќе локации во Куманово

Димитриевски најави нови паркинзи, зелени површини и детски катчиња на повеќе локации во Куманово

Куманово, 29 октомври 2025 (МИА) - Уредување на просторот околу комплексот згради на булеварот „Октомвриска револуција“, зачувување на зеленилото, подобрување на инфраструктурата, вети кандидатот за градоначалник на Куманово и лидер на Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Максим Димитриевски.

- Во следниот период сите партерни содржини околу вашите згради ќе бидат уредени, воедно ќе бидат и проширени сите постоечки паркинг простори, уредно обележани, како составен дел од втората зона за паркирање, а која ќе ги опфати и месните заедници „Панче Пешев“ и „БС Гојчо“ што ќе биде целосно бесплатна за сите што се со место на живеење на оваа адреса, нагласи Димитриевски.

Во овој дел од Куманово, Димитриевски вети зачувувањето на зелените површини и спречувањето на прекумерната урбанизација.

- Сите зелени површини вклучувајќи го и „Ореов лад“, ќе бидат задржани со акцент дека нема да се дозволи урбанизација на тој потег. На таа локација ќе се изгради нова детска градинка и дополнително нови зелени површини, рече Димитриевски.

Кај локалитетот „Табакана“, како што изјави Димитриевски ќе се отстранат времените градби и ќе се направи нов паркинг простор, детско катче и повеќе зелени површини. Иста реализација ќе има и кај делот „Скара кај Жмара“, каде ќе се изгради и спортско-рекреативен комплекс и ново место за игра на најмладите, како и за комплексот „К4“ каде ќе никнат ново катче за најмалите, нови зелени површини и проширен паркинг простор.

- Затоа, потенцираше тој, ќе се отворат нови градежни зони каде инвеститорите ќе може да градат, а градот да се шири надвор, бидејќи урбаниот развој на Куманово мора да биде балансиран меѓу изградбата и зачувувањето на просторот за живот, рече Димитриевски.

Тој ги повика граѓаните на масовен одзив на 2 ноември на вториот круг од изборите.

- Ве повикувам масовно да излезете во недела и да ја дадете вашата поддршка за мене – вашиот кандидат Максим Димитриевски, затоа што Куманово заслужува континуитет и да продолжи да расте и да се развива, порача Димитриевски. ам/дма/


Фото:  Принтскрин и ЗНАМ

Остани поврзан