• вторник, 05 ноември 2024

Димитар Николоски: На македонскиот пазар на труд му треба активирање на работната сила

Димитар Николоски: На македонскиот пазар на труд му треба активирање на работната сила

Прилеп, 1 мај 2023 (МИА) - Пандемијата, енергетската криза и војната во Украина доведоа до забавување на падот на стапката на невработеност и на некој начин до стагнација на македонскиот пазар на труд. Донесувањето на Законот за работни односи е основно, но неопходни се антиинфлаторни владини мерки, зголемување на номиналната плата и активирање на работната сила на пазарот на трудот, смета, универзитетскиот професор Димитар Николоски од прилепскиот Економски факултет.

- Позитивните трендови кои постоеја изминатиот период, на некој начин беа забавени од комбинираното дејствување на повеќе кризни моменти.  Тука треба да се споменат пандемијата, енергетската криза и војната во Украина, кои доведоа до забавување на падот на стапката на невработеност и на некој начин стагнација до на македонскиот пазар на труд. Се уште може да забележиме изразена сегментација на пазарот на трудот. Младите, недоволно образованите работници, некои етнички малцинства, како ромската популација, се соочуваат со значително поголеми проблеми - поизразени стапки на невработеност и неактивност. Од друга страна, позитивни се трендовите на нови форми на работење, како што е онлајн, работа со изразени дигитални вештини, вели Николоски, кој ги следи состојбите на македонскиот пазар на труд.

Според него, во земјава се постигнаа придвижувања на работничките права - недела е неработен ден што доведува до баланс помеѓу работата и приватниот живот на работникот, а покачувањето на минималната плата, влијае на порастот на сите плати.

Но, сепак, како што посочува Николоски, соочени сме со изразена инфлација која доминираше во минатата година и доведе до пад во реалните плати.

- Се надеваме дека со антиинфлациските мерки на Владата и со номиналниот пораст на платите во текот на оваа година на некој начин тоа ќе биде компензирано, заклучува Николоски.

Тој додава дека македонскиот пазар на трудот се карактеризира со мошне ниска активност на работната сила, пред сѐ, поради фактот што значаен дел од ранливите категории сѐ уште не се активирани.

Николоски смета дека една од алтернативите на увозот на работната сила, би можела да биде поинтензивни активациски мерки за ранливите категории на население, а донесувањето на Законот за работни односи е една од основните мерки.

- Некои програми може да придонесат за активирање на работната сила. Тука треба да се истакнат некои тековни програми како гаранција за млади, се спроведува петта година, потоа, од оваа година имаме втора шанса за лицата со основно образование за комплетирање на средното образование. А донесувањето на Законот за работни односи е една од примарните мерки во насока за подигнување на работничките права и усвојување на ова што значи стандарди на Европската Унија, вели универзитетскиот професор Димитар Николоски. ем/сп/

Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан