• недела, 22 декември 2024

Де ла Фуенте загрижен дека Шпанија може да ја загуби организацијата на Светското првенство

Де ла Фуенте загрижен дека Шпанија може да ја загуби организацијата на Светското првенство

Мадрид, 4 октомври 2024 (МИА) - Селекторот на Шпанија, Луис де ла Фуенте е загрижен од извештаите дека земјата би можела да ја загуби организацијата на Светското првенство во 2030 година. Турнирот треба да се одржи во Шпанија, Португалија и Мароко за шест години, а ФИФА мора формално да ја потврди одлуката на својот конгрес на 11 декември.

Претставници на светската фудбалска централа оваа недела се сретнаа со претставници на шпанската влада и локалната фудбалска федерација. ФИФА побара најдоцна во рок од три месеци да се избере нов претседател на федерацијата. Ова доведе до шпекулации дека ситуацијата може да резултира со губење на Светското првенство во 2030 година.

-Како да не бидам загрижен? Сите сме загрижени поради заканата од губење на организацијата на Светското првенство. Кој не е загрижен е или глуп или неук. Ако оваа закана е реална, сите треба да бидеме загрижени од многу причини - за тоа што значи за фудбалот во земјата, за економијата..., прокоментира Де ла Фуенте.

Шпанската фудбалска федерација е без претседател од јули, кога Педро Роча доби двегодишна суспензија од Спортскиот управен суд. Казната беше за злоупотреба на власта. Роча на оваа функција го замени Луис Рубиалес, кој беше санкциониран од ФИФА поради бакнежот со Џени Хермосо за време на доделувањето на светската титула на Шпанија. дс

Фото: Архива

Остани поврзан