Десетици светски лидери се очекуваат на годишната седница на ОН, критично време за светот разурнат од конфликти
- Повеќе од 130 шефови на држави или влади се очекуваат од недела во Њујорк на годишниот состанок на ОН, како што оценуваат во дипломатските кругови, во „експлозивен момент за светот“, бидејќи меѓународната заедница не е во состојба да ги запре конфликтите во Газа, Украина, Судан.
Њујорк, 20 септември 2024 (МИА) - Повеќе од 130 шефови на држави или влади се очекуваат од недела во Њујорк на годишниот состанок на ОН, како што оценуваат во дипломатските кругови, во „експлозивен момент за светот“, бидејќи меѓународната заедница не е во состојба да ги запре конфликтите во Газа, Украина, Судан.
-Од Блискиот Исток до Судан, во Украина се уште гледаме куршуми и бомби како касапат и убиваат, тела се натрупуваат, населението е трауматизирано, згради во урнатини, изјави генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш.
Иако е загрижен поради регионалната ескалација на војната во Газа или нуклеарниот ризик поврзан со руската инвазија на Украина, тој оценува дека светот и покрај поделбите може „да избегне да оди кон трета светска војна“.
Амбасадорката на САД во ОН Линда Томас Гринфилд изјави дека овој важен собир за меѓународната дипломатија не може да се одржи во покритично време, наведувајќи долг список на конфликти, насилство и хуманитарни кризи - Газа, Украина, Судан, Хаити, Мјанмар.
-Пред сите тие предизвици лесно е да се падне во цинизам, да се изгуби надежта и да се откажеме од демократијата, но не смееме да си го дозволиме тоа, рече американската амбасадорка.
Сепак, тешко дека оваа голема средба ќе доведе до конкретни резултати за милионите цивили кои плаќаат најтешка цена, јавија француски медиуми.
Најавено е дека доаѓаат израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, претседателот на палестинската управа Махмуд Абас и новиот претседател на Иран Масуд Пезешкијан.
-Газа очигледно ќе биде најистакнатиот конфликт за кој лидерите ќе разговараат, коментира Ричард Гован од Меѓународната кризна група, но додаде дека не верува дека тоа ќе направи разлика на теренот.
Стравувањата од ширење на војната во Либан се на врвот по серијата експлозии оваа недела на комуникациските уреди на членовите на либанскиот Хезболах, кој е поддржан од Иран и е сојузник на Хамас.
Иако, како и претходните години, рускиот и кинескиот претседател нема да присуствуваат, долг е списокот на лидери кои ќе дојдат во седиштето на ОН во Њујорк - американскиот претседател Џо Бајден, Французинот Емануел Макрон, британскиот премиер Кир Стармер, Индиецот Нарендра Моди, бразилскиот претседател Инасио Лула да Силва како и Украинецот Володимир Зеленски.
Словенија, која претседава со Советот за безбедност во септември, не планира ништо посебно, но на барање на Украинците во вторник е закажан состанок на високо ниво на Советот за безбедност во присуство на Володимир Зеленски.
Пред вообичаените говори на говорницата на Генералното собрание од вторник во рамки на Генералната дебата, оваа дипломатска недела се отвора во недела и понеделник со „Самит на иднината“.
Тогаш 193-те земји членки на светската организација треба да го усвојат „Пактот за иднината“ кој треба да ги зајакне меѓународните алатки за справување со заканите на 21 век, од разгледување на важноста на мултилатерализмот и Повелбата на ОН до реформата на меѓународните финансиски институции, развој и вештачка интелигенција.
Но, по „интензивните“ преговори кои се уште не се сосема завршени, дипломатите и набљудувачите забележуваат загрижувачка недостиг на амбиција.
-Еден од ризиците, и тоа е повеќе од ризик, е дека овој самит на иднината повеќе личи на самит на минатото, или во најдобар случај на самит на сегашноста, иронично забележа дипломат. мс/
фото: МИА архива