• петок, 22 ноември 2024

Денот без автомобили одбележан во повеќе градови во државата

Денот без автомобили одбележан во повеќе градови во државата
Скопје, 22 септември 2021 (МИА) - Со велосипедски дефилеа во повеќе градови во државава, во кои учествуваа граѓани, ученици, рекреативци, ентузијасти и вљубеници во велосипедизмот и пешачењето, денеска во нашата држава беше одбележан 22 Септември - меѓународниот Ден без автомобили и завршувањето на Европската недела на мобилност (ЕНМ). Годинава, како што соопшти Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП), кампањата се спроведуваше под мотото „Безбедни и здрави со одржлива мобилност“ и е со цел да се промовираат алтернативните, одржливите и заедничките форми на транспорт како начин да се намали употребата на автомобили и да се редуцираат емисиите на штетни гасови во воздухот, со што би се остварила визијата на европската стратегија за декарбонизација. Во велосипедските паради по градските улици и булевари во Велес, Прилеп, Скопје, Струмица, Битола и Берово се приклучија и повеќе граѓани, кои со своето присуство покажаа дека користењето велосипеди и пешачењето стануваат сѐ поприфатени како поздрави и поекономични начини на движење низ урбаните средини. - Европската недела на мобилност се одржа од 16 до 22 септември, под покровителство на МЖСПП како национален координатор, при што годинава и покрај сериозните потешкотии и ограничувања што ги наметна состојбата со Ковид-19, во одбележувањето официјално се вклучија седум градови низ државава, и тоа Велес, Скопје, Берово, Прилеп, Битола, Кочани и Струмица, се разбира во согласност со епидемиолошката ситуација на локално ниво и со почитување на важечките здравствени протоколи, наведуваат од МЖСПП. Оваа година во Европската недела на мобилност со свои активности учествуваа 3.042 градови од 53 држави од Европа и светот. мс/дма/

Остани поврзан