• среда, 08 април 2026

Демократскиот сојуз: Македонскиот јазик е државен, протестите се политички мотивирани 

Демократскиот сојуз: Македонскиот јазик е државен, протестите се политички мотивирани 

Скопје, 8 април 2026 - Демократскиот сојуз (ДС) ги осудува политички мотивираните протести поради наводно скратување на правото на употреба на мајчиниот јазик на студентите од албанската етничка заедница, се вели во соопштението од ДС, што МИА го објавува интегрално. 

Демократската унија за интеграција прави груба злоупотреба на правото на користење на мајчиниот јазик при полагањето правосуден испит, кое во текот на своето долгогодишно владеење не најде за сходно да го регулира. Но, имаше коруптивни процеси при полагањето и политичко влијание, посебно на студенти блиски до партиите од власта.

Демократски сојуз потсетува дека македонскиот јазик е државен - службен јазик во Македонија. Се разбира, албанскиот јазик е исто така во службена употреба и етничките Албанци ги уживаат сите права според Уставот за негово користење.  ДС потсетува дека студентите, повеќето Албанци своите студии ги завршиле на мајчин албански јазик.

Но, во правосудството е од исклучителна важност, обвинителите, судиите и адвокатите, да го владеат македонскиот јазик кој е лингва франка, заеднички јазик на разбирање на сите етнички заедници во Македонија. Дополнително, меѓународната пракса и препораките од Венецијанската комисија одат во прилог на употреба на еден заеднички јазик во правосудството и тоа на никаков начин не ги нарушува правата на другите етнички заедници.

Демократски сојуз ја охрабрува Владата да не подлегнува на политички притисоци и да истрае во пронаоѓањето решение за полагање правосуден испит кое ќе биде уставно, а нема да ги нарушува правата на етничките заедници, но исто така со иста тежина на испитот како и за другите студенти.

ДС истовремено потсетува дека на сите етнички заедници, вклучително и на Албанците, им е загарантирана одбраната на мајчин јазик во процесите пред судовите во Македонија.

Јазикот е средство за разбирање, а никако за конфронтација.

Без разлика на сѐ, во државната и во локалната администрација мора да се знае македонскиот јазик не нарушувајќи го правото на помалите етнички заедници да го негуваат и користат и својот мајчин јазик.

Фото МИА архива

Остани поврзан