• понеделник, 23 декември 2024

Деми Мур: Брус Вилис е добро

Деми Мур: Брус Вилис е добро

Лос Анџелес, 14 октомври 2024 (МИА) - Американската глумица Деми Мур, за време на Меѓународниот филмски фестивал во Хемптон, Њујорк, проговори за својот поранешен сопруг Брус Вилис и неговата здравствена состојба и рече дека Брус е добро.

- Сум го кажала ова и порано. Болеста е она што е. Мислам дека треба подлабоко да го разберете тоа. Тој е стабилен, изјави Мур.

Тие двајца се венчаа во 1987., а се разведоа во 2000 година, но останаа во блиски пријателски односи. Заедно имаат три ќерки. Деми открива дека морала да се помири оти „претходниот“ Брус веќе го нема и да се прилагоди со сегашната негова состојба.

- Она што јас секогаш го нагласувам е да ги запознаеш луѓето такви какви што се. Кога се држиш за она што било, мислам дека тоа е изгубена игра. Кога ќе ги сфатиш онакви какви што се сега, ќе ја разбереш убавината и сладоста на тоа, додаде таа.

Глумицата се видела со Брус два дена пред Фестивалот. Таа отишла да го посети со нивната внука Луета, ќерка на ќерка им Румер Вилис.

На Брус Вилис во 2022 година му беше дијагностицирана афазија, а потоа таа состојба напредува во фронтотемпорална деменција. Болеста е редок вид деменција што предизвикува проблеми со однесувањето и говорот. Уште се нарекува и Пикова болест или деменција на фронталниот и темпоралниот лобус на мозокот, а првите видливи симптоми се промени во личноста и однесувањето и тешкотии во говорот. Не е познато што ја предизвикува фронтотемпоралната деменција, но тоа често има генетска компонента.

Деми Мур, која е на почетокот од седмото десетлетие од својот живот, на Фестивалот ја доби наградата за врвно достигнување во кариерата и во глумата. Таа, исто така, седна на предвидениот 60-минутен „Разговор со Деми Мур“ во рамки на свеченоста.  си/

Фото: Јутјуб

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан