• понеделник, 23 декември 2024

Демири: Потпишан двогодишниот договор за соработка со СЗО 

Демири: Потпишан двогодишниот договор за соработка со СЗО 

Скопје, 4 април 2024 (МИА) - Министерот за здравство Илир Демири, заедно со Ханс Клуге, регионален директор на СЗО за Европа денеска го потпишаа двогодишниот договор за соработка меѓу Министерството за здравство и Светската здравствена организација за периодот 2024 – 2025 година, соопштија од Министерството за здравство (МЗ).

Демири потенцирал дека СЗО е постојан партнер на МЗ во заложбите за унапредување на капацитетите на нашиот здравствен систем.  

- Показател за нашата континуирана и успешна соработка се бројните проекти реализирани со поддршка на СЗО во јавните здравствени установи низ државата. Во оваа прилика би сакал да изразам искрена благодарност до регионалниот директор на СЗО, д-р Ханс Клуге, за континуираната поддршка во насока на зајакнување на здравствениот систем во Северна Македонија, како и за постојаната поддршка од канцеларијата на СЗО во Скопје во спроведување бројни активности, рекол Демири, стои во соопштението.

Во своето излагање, министерот посочил дека Северна Македонија е земја со аспирации кон Европската унија, и токму затоа, како што подвлекол, се стремиме кон исполнување на сите обврски коишто произлегуваат од процесот на пристап кон ЕУ, како и исполнувањето на глобалните и регионални обврски, посебно на целите за одржлив развој на Обединетите нации, европската програма на СЗО за здравје 2021 – 2025 и патоказот за Западен Балкан.

Регионалниот директор на СЗО за Европа, Ханс Клуге, честитајќи му на министерот за одличната соработка досега, изразил решеност за за продолжување на соработката и во иднина.

- Презедовме низа активности за да ги зајакнеме управувачките функции на Министерството за здравство. Многу сум горд на тие активности, бидејќи се од заеднички интерес. Ви се заблагодарувам за поддршката при успешното спроведување на здравствените политики на одржлив начин, Северна Македонија е пример за целиот регион на Западен Балкан, изјавил Клуге.  

Демири меѓуи другото нагласил дека во изминатиот месец откако е назначен на позицијата министер за здравство, еден од неговите главни приоритети е токму одржувањето континуитет во спроведувањето на овие активности. 

Потпишувајќи го двогодишниот договор за соработка, министерот Демири и регионалниот директор Клуге, се заблагодариле за успешната работа и на колегите од СЗО во Скопје, предводени од Ане Јохансен, специјална претставничка на СЗО за Северна Македонија. цр/дма/

Фото: Министерство за здравство
 

Остани поврзан