• среда, 12 јуни 2024

Делегација од Општина Крива Паланка во официјална посета на Лесковац, Република Србија

Делегација од Општина Крива Паланка во официјална посета на Лесковац, Република Србија
Крива Паланка, 10 март 2022 (МИА) - Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски, оствари дводневна работна посета на Град Лесковац, Република Србија, каде заедно со претседателката на Советот на општината, Изабела Павловска и делегација од локалната самоуправа. Посетата на Лесковац се базира на остварената соработка во рамки на проектот „Да ги поврземе бисерите" што овие две општини го реализираат преку ИПА програмата на Европската унија за прекугранична соработка помеѓу Србија и Република Северна Македонија. Делегацијата беше примена од градоначалникот на градот на ветерниците, Горан Цветановиќ, од заменичката на градоначалникот Цветановиќ, Лидија Димитријевиќ и раководителот на одделението за општествени дејности, Саша Младеновиќ. Од службата за комуникација со јавност на Општина Крива Паланка информираат дека на состанокот се разговарало за деталите од проектот, туристичките потенцијали на дват града, а договорено е и отпочнување на постапка за збратимување на градовите. Во текот на вчерашниот и денешниот ден се одржа и работилница од проектот насловена „Смарт и интегрирано планирање на туризмот и заедничка туристичка понуда" на која се работеше на утврдување на туристичките потенцијали во Лесковац и Крива Паланка, кои ќе бидат опфатени со е-туризам апликацијата што ќе се изготвува во претстојниот период. Проектот „Да ги поврземе бисерите“ го реализираат општините Лесковац и Крива Паланка во партнерство со Центарот за развој на Пчињско-јабланичкиот регион и со поддршка од ИПА 2 програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Србија. Проектот предвидува и изградба на пешачка патека кон Станечки водопади и Калин Камен во општина Крива Паланка, како и уредување на кањонот Вучјанка во општина Лесковац, а ќе се реализираат и повеќе други активности со цел да се зголемат можностите за поквалитетна туристичка понуда, искористеност и капитализација на природното, културно и историско богатство во пограничниот регион. ид/цр

Остани поврзан