• вторник, 13 мај 2025

Дебата на НКЕУ-МК: Транспарентноста првиот чекор едно општество да биде подготвено да се бори против корупцијата

Дебата на НКЕУ-МК: Транспарентноста првиот чекор едно општество да биде подготвено да се бори против корупцијата

Скопје, 28 април 2025 (МИА) - Транспарентноста е првиот чекор за да можеме да кажеме дека општеството е подготвено да се бори против корупцијата. Борбата против корупцијата и организираниот криминал не смее да биде кампањска и да трае кус временски период. Со цел поефикасна борба против корупцијата, како дел од механизмите е воведување пристап до податоци од деловните регистри во земјава, интеграција во Европскиот систем за меѓусебно поврзување на деловни регистри, формирање Центар за истражувачки податоци при Државниот завод за статистика, како и воведување интегрирана рамка за спречување на корупцијата во јавниот и во приватниот сектор.

Ова се дел од препораките од сесијата на Работната група 6 – Антикорупција (Поглавја 5 – јавни набавки, 18 – статистика, 32 – финансиска контрола) на Националната конвенција на ЕУ во Северна Македонија на тема „Борба против корупцијата преку транспарентност и отчетност: Препораки и можности во Република Северна Македонија низ перспективата на европските практики“.

Директорот на финансиска полиција, Слободан Ивановски, истакна дека транспарентноста и отчетноста се најголемите непријатели на ова општество, ако сме транспарентни покажуваме дека немаме што да криеме.

-Во делот на транспарентноста и отчетноста мора сите инстиуции да бидат отворени, а граѓаните мора да знаат за нашите резултати како и за нашите грешки. Експонирањето на случаите ги буди и граѓаните и медиумите во делот на постапките, медиумите полесно доаѓат и до сознанија и до документација за кривично-правен настан, рече Ивановски.

Истакна дека селективноста и непостапувањето се убијци на правдата, а најчестите злупотреби, проневери и малверзации се случуваат во делот на јавните набавки.

-Овде имаме два момента - првиот дел е со постапката каде што имаме местење тендер, а вториот момент е делот со реализација на договорот, каде што се бара стручност и екпсертиза, особено кога се работи за поголеми постапки. Јавните набавки се предизвик за Финансиската полиција, којашто мора да биде чуварот на државната каса. Испумпувањето на државната каса најмногу се прави преку јавните набавки, рече тој.

Потенцира дека по трагедијата во Кочани секое службено лице мора да креира перцепција да има страв од законот, а не од локални моќници кои се ставата над законот.

-Почесто во помали средини често сужбеното лице има страв од локален моќник кој мисли дека е над законот. Никој не треба да биде амнестиран, само со таков пристап може да ја намалиме стапката на криминалитет, рече Ивановски. Се осврна и на проблемот во Финансиска полиција на немање воспоставено систем на внатрешна контрола. Истакна и дека дигитализацијата е насушна потреба против овој горлив проблем, додавајќи дека Финансиска полиција досега има склучено меморандуми за соработка со Бирото за јавни набавки, Централниот депозитар, МВР, со што инспекторите ќе имаат пристап до базите на податоци, но тоа да биде контролирано за да нема злоупотреби.

Драган Тилев, државен советник за ервопски прашања и координација, рече дека борбата против корупција оди рака под рака со организираниот криминал и акцијата треба да биде фронтална и да ги нападне овие непријатели на државата.

-Организираниот криминал е навлезен во инстиуциите, корупцијата не може да се случи ако нема врска меѓу оние внатре во институциите и оние од надвор кои сакаат да ги злоупотребат. Ако европските прописи и техничките стандарди беа практикувани и се имплентрираа во целост и беа надгледувани во целост, тогаш трагедијата во Кочани нема да се случи - тоа треба да биде сигналот за будење, за да не ни се случи повторно и повторно да бидеме изненадени од такава трагедија, рече Тилев.

Според него, без разлика дали преговорите ќе започнат или не, ние сме прифатиле дека ќе ги транспонираме европските пропси и стандарди и оти борбата против корупцијата не смее да биде кампањска и тоа да трае кус временски период и потоа пак да се навлегува во тие матни текови, истакнувајќи дека треба да се издржи во континуитет и тука најголема улога им гараѓанскиот сектор кој преку своето робусно присуство да даде огромен придонес и печат.

-Кластерот фундаментални вредности се отвора прв и се затвора последен – на секој билатерален скрининг за секој кластер во Брисел се инстистираше да се даде пресек и за антикорорупциските политики, имлеметнацијата за заштита, превенција и борба прорив коруција. Во Преговарчаката рамка новина е дека нема да може да се затвори ниту едно поглавје ако не се покажат видливи резултати во борбата против корупцијата, рече Тилев.

Додаде дека од 2024 година првпат сме официјално дел од ЕУ механизмот за владеење на правото, и секоја година се прават извештаи, при што еден добар дел од нив се однесуваат и на борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Претседатеката на Европското движење и национална координаторка на НКЕУ-МК професорката Милева Ѓуровска истакна дека и покрај тоа што се фалиме дека имаме хармонизирано законодавство, реформите стојат во место. Таа се осврна на трагедијата во Кочани, за која, како што рече, е последица на коруптивните практики, чиј исход е секогаш поразителен за целата заедница.

Драган Тевдовски, професор на Економскиот факултет при УКИМ, истакна дека се неопходни механизми за борба против корупцијата. Според него, меѓу механизмите што треба да се направат е и платформа што ќе ги влече податоците за имотот на именуваните лица, а не да се чека да ја пријавуваат имотната состојба.

Според него, едно од можните решенија за големата слика за борба против корупцијата е и истиснување на плаќањата во кеш, а најголемите противници на ваквите решенија доаѓале од „големи играчи“. Исто така, рече тој, потребен е и консолидиран биланс на состојбата на јавниот сектор, кој што не постои во многу земји кои се во развој, како и да се направи платформа на која ќе се гледа кои фирми добиваат пари од државата. 

Поранешната претседателка на ДКСК Билјана Ивановска, рече дека борбата против корупцијата не може да биде кампањска и потсети на она што го направиле на почетокот на мандатот - а тоа е Националната стратегија за борба против корупција, која се темелеше на два основни столба – трошењето пари и злоупотреба на службена положба. Посочи и дека државата треба да направи регистар на државниот имот за да се знае кој со што располага.

Истакна дека кога ја подготвувале Стратегијата 2021-2025, недоволната транспарентност беше еден од ризичните фактори за корупција. 

-Свесни сме колку корупцијата е тешка општествена болест, и колку ни претстои борба на сите чинители во општеството. Имајќи дека предвид дека транспарентноста е силен убиец на корупцијата, од оваа средба денеска ќе се упати силна порака до сите инстутиции и до сите носители на јавни функции, дека секој во својата надлежност има можности и треба да ги искористиме можностите за да ја зголемиме транспарентноста. Таа е силно поврзана со одговорноста и отчетноста. Тој што е отчетен и што одгоговорно ја носи функцијата, нема проблем да биде транспарентен. Секој оној кој сака да затскрие нешто значи има проблем со ризици од корупција и не сака да биде транспарентен, рече Ивановска.

Герман Филков, претседател на Центарот за граѓански комуникации се осврна на улогата на новинарите и граѓанските организации, што доведува до санкционирање и превенција против корупција. 

Тој посочи неколку случаи кои новинарите ги откриле преку пристапот до информации за јавни набавки - Случајот со ЕСМ, Тендерот Бехтел Енка, Пожарот со модуларната болница во Тетово, неизградените базени во Битола, Кичево.

-Најголемиот исчекор е направен во 2019 кога се почна да се објавуваат плановите за јавни набавки, каде што сите гледаме што е договорено а што е испорачано, рече Филков, додавајќи дека треба анексите да се спојат со договорите на едно место.

Поранешниот член на ДКСК Владимир Георгиев во однос на последните случувања врзани со актуелната претседателка на ДКСК Тања Димитровска, рече дека одговорноста е индивидуална на секој член, меѓутоа тоа влијае врз работата на целата институција и нејзиниот углед во јавноста. ДКСК, вели Георгиев, е на граница на својата доверба во јавноста и ќе треба дополнителен напор за да се врати довербата.

-– Она што произлезе од работата на Јавното обвинителство дека е вмешана претседателката на ДКСК, навистина влијае врз имиџот и довербата на јавноста, но и другите институции во работата на ДКСК. Што се однесува на тоа дали целата институција е виновна, сметам дека тоа е индивидуална одговорност на секој поединечен член, во случајот на претседателката, меѓутоа тоа влијае врз работата на ДКСК и нејзиниот углед во јавноста. Многу е тешко да се стекне доверба преку работа, непристрасност и посветеност, меѓутоа многу лесно може да се изгуби таа доверба. ДКСК е веќе на граница на својата доверба во јавноста и треба многу дополнителен напор за да ја поврати таа доверба, рече Георгиев.

Снежана Камиловска Трповска рече дека транспарентноста е првичниот чекор за да можеме да кажеме дека општеството е подготвено да се бори против корупцијата.

-На тој начин се овозможува институциите да бидат отворени кон јавноста за начинот на којшто работат со што оди рака под рака и самата отчетност и одговорноста. Колку повеќе вложуваме во транспарентноста, со тоа се намалуваат ризиците од корупција. Така да првичните механизми во креирање на систем кој што ќе обезбеди подобри услови е овозможување на зголемена транспарентност, а со самото тоа и одговорноста, рече таа. нд/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан