• петок, 22 ноември 2024

Два броја на списанието „Современи дијалози“, издание на МНД-Битола

Два броја на списанието „Современи дијалози“, издание на МНД-Битола
Битола, 23 септември 2022 (МИА)-Списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“ што го издава Македонско научно друштво – Битола, своето десетгодишно постоење оваа година го одбележува со излегување од печат на два броја, и двата со финансиска поддршка на Министерството за култура. Списанието го уредува редакција составена од членови на Македонското научно друштво – Битола и меѓународен уредувачки одбор, достапно e во печатена форма и на веб-страницата на МНД-Битола, а се дистрибуира во домашните библиотеки на истакнати странски поети и писатели, уредници, приредувачи, издавачи, преведувачи, книжевници. Соработници за овој број на списанието се Адем Абдулаху, Салех Ал-Кунаизи, Сеида Богдановиќ, Борче Георгиев, Јапрак Дамла Јилдрим, Милијан Деспотовиќ, Жаклина Ивановска, Олга Лалиќ-Кровицка, Филиз Мехметоглу, Сашо Огненовски, Борче Панов, Мерита Папаристо, Клаудија Пичино, Тамара Проески и Ивица Челиковиќ од Северна Македонија, Полска, Саудиска Арабија, Србија, Турција, Шведска, Албанија, САД и Италија, соопштија од МНД-Битола. „Современи дијалози“ се со препознатлив концепт и дизајн, a на корицата што ја изработи Весна Мундишевска-Велјановска e уметничка слика со наслов „Богињи“ од познатиот уметник Ниче Василев. - Во овој случај се слават два значајни јубилеја, МНД-Битола одбележува 10 години постоење на списанието за култура – литература, драмска уметност, филм и издаваштво „Современи дијалози“, а Ниче Василев бележи јубилеј од 50 години активно творештво. Во „Современи дијалози“ бр. 11, читателите имаат можност да уживаат во поезијата на Садије Алити, Томе Велков, Митко Гогов, Васил Дрвошанов, Никола Илијовски, Кире Неделковски, Олга Панкина, Борче Панов, Зоран Пејковски, Христо Петрески, Берзат Садики, Раде Силјан, Мирјана Стојановска, Гордана Стојаноска, Снежана Стојчевска и Марина Шокева, потоа прозата на Даниела Андоновска-Трајковска, Петре Димовски, Јована Матевска Атанасовска, Сашо Огненовски, Лилјана Пандева, Михајло Свидерски, Габриела Стојаноска-Станоеска и Ивица Челиковиќ, литературата за деца од Елизабета Јончиќ и Горјан Петревски, а застапена е и книжевна критика, интервјуа, книжевен препев со коментари и анализа на Зора Русомарова и поезијата и прозата на 47 поети од странство – сите преведени на македонски јазик, нагласуваат уредниците на „Современи дијалози“, списание чие издавање секоја година е поддржано од Министерството за култура.мт/ир

Остани поврзан