• недела, 22 декември 2024

Гутереш: Човештвото не може да го преживее продолжувањето на делото на Опенхајмер

Гутереш: Човештвото не може да го преживее продолжувањето на делото на Опенхајмер

Њујорк, 18 март 2024 (МИА) - Човештвото не може да го преживее продолжувањето на делото на креаторот на атомската бомба Роберт Опенхајмер, предупреди денеска генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, алудирајќи на филмот што минатата  недела  освои седум Оскари, а „ ја оживеа суровата реалност на нуклеарна апокалипса“.

-Се среќаваме денеска во време кога геополитичките тензии и недовербата го доведоа ризикот од нуклеарна војна на највисоко ниво во последните неколку децении, рече Гутереш за време на состанокот на Советот за безбедност за неширење на нуклеарното оружје организиран од Јапонија.

„Часовникот на судниот ден отчукува, а неговото застрашувачко отчукување ѕвони во сите уши“, додаде генералниот секретар на ОН.

„Опенхајмер“, филм на Кристофер Нолан, „ја оживеа суровата реалност на нуклеарната апокалипса за милиони луѓе ширум светот“, додаде Гутереш.

Според него, човештвото не може да го преживее продолжувањето на делото на Опенхајмер.

-Сите тие гласови, сите овие предупредувања, сите тие преживеани, го молат светот да се оддалечи од несреќата кон која се движи, рече Гутереш.

Филмот ги опишува клучните моменти од животот на Роберт Опенхајмер, физичарот кој ја воведе планетата во нуклеарната ера, што доведе до крајот на Втората светска војна кога САД фрлија атомски бомби врз Хирошима и Нагасаки.

Гутереш изрази загриженост за нова трка во нуклеарно вооружување.

-Воените инструменти се предмет на многу поголеми инвестиции отколку инструментите на мирот. Земјите трошат многу на нови смртоносни нуклеарни технологии и ја прошируваат заканата на нови области, рече тој.

Генералниот секретар на ОН додаде дека ризикот од „нуклеарен холокауст“ може да се искорени само со заедничка работа.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан