• петок, 05 декември 2025

Грција презема мерки за заштита од високите температури

Грција презема мерки за заштита од високите температури

Атина, 7 јули 2025 (МИА) – Задолжителен прекин со работата во периодот меѓу 12 и 17 часот за работниците на технички и градежни проекти, на градилишта, бродоградилишта, како и на доставувачите со мотори или велосипеди воведе за денеска Министерството за труд на Грција, а се однесува на повеќе делови на земјата, со цел работниците да се заштитат од високите температури, јави дописничката на МИА од Атина.

Најавениот топлотен бран во Грција што се очекува да кулминира в среда носи температури и до 41-42 степени, а освен одлуката од Министерството за труд, со циркулар и препораки за заштита на граѓаните излезе и Министерството за здравство.

Се препорачува престој во климатизирани простории, носење лесна, светла облека и шапка, како и избегнување на изложување на сонце и физичка активност од 11:00 до 17:00 часот.

Заменик-министерката за здравство на Грција Ирини Агапидаки посочи дека во периоди на екстремни временски појави како што се топлотните бранови, заштитата на човечкиот живот и јавното здравје е апсолутен приоритет.

-Ги повикуваме сите граѓани, особено најранливите, строго да ги следат упатствата за претпазливост. Работиме во целосна координација со надлежните органи за ефикасна превенција и брз одговор каде што е потребно. Грижата за другите, особено за постарите лица, децата и болните, е одговорност на сите, порача Агапидаки.

Општина Атина и овој пат отвори климатизирани простории, односно т.н. клубови на пријателство, односно простори за разонода на пензионерите, сега се пренаменети и функционираат како климатизирани простории за сите граѓани.

Топлотниот бран со максимални температури над 40 степени според прогнозите ќе трае до среда, а в четврток се очекува значителен пад на температурата низ целата земја. ср/сд/

Фото: МИА

Остани поврзан