• понеделник, 23 декември 2024

Грција и Кипар и ова лето ќе се поврзат бродски, лани со траектот патувале над 7.000 патници

Грција и Кипар и ова лето ќе се поврзат бродски, лани со траектот патувале над 7.000 патници

Атина, 16 април (2024) – Трета година по ред, за време на летниот период ќе функционира бродската линија што ќе ги поврзе Грција и Кипар, патување со траект што трае 31 час, а лани, во периодот од крајот на мај до септември линијата ја искористиле над 7.000 патници, јави дописничката на МИА од Атина.

Заменик-министерката за поморство на Кипар Марина Хаѕиманоли на денешната прес-конференција соопшти дека во ланскиот период со траектот патувале 7.407 патници и 455 домашни миленици, а биле превезени 2.496 возила.

- Од овие бројки произлегува дека морската патничка поврзаност ја постигна својата цел, создавајќи нов сегмент на туристичкиот пазар за оние патници кои сакаат да патуваат од и кон Кипар и остатокот од континентална Европа со нивните приватни автомобили и мотори, нудејќи алтернативен начин на превоз, кој над две децении не постоеше, истакна министерката.

Бродот ќе биде истиот што сообраќаше и во изминатите две години, плови под кипарско знаме, патувањето трае 31 час, од Кипар ќе тргнува од пристаништето во Лимасол, а крајната дестинација е атинското пристаниште Пиреас.

Првиот траект ќе тргне на 29 мај од Лимасол, а последниот, на крајот од сезоната ќе тргне од Пиреас на 3 септември.

На средината на јуни 2022 година, по пауза од над 20 години одново беше воведена редовна бродска линија меѓу Грција и Кипар. ср/паг/

Остани поврзан