• понеделник, 23 декември 2024

Грција и Египет ја разгледуваат можноста за електрично поврзување преку подводен кабел

Грција и Египет ја разгледуваат можноста за електрично поврзување преку подводен кабел
Атина, 21 јуни 2021 (МИА) – Министрите за животна средина и енергија на Грција и Египет ја разгледуваат можноста за електрично поврзување на двете земји преку подводен кабел со голем капацитет, што во Грција и Европа ќе пренесува електрична енергија, произведена исклучиво од обновливи извори, соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис по средбата со египетскиот претседател Абедел Фатах ал-Сиси по нивната средба во Каиро, јави дописничката на МИА од Атина. Мицотакис истакна дека станува збор за зелен проект, „еден од најголемите во југоисточниот Медитеран“, а соодветниот меморандум со деталите за соработката „практично е подготвен“ и на него работат претставници од двете земји. Египетскиот претседател и грчкиот премиер на денешната средба разговарале за низа теми од заеднички и регионален интерес, а ги истакнаа и силните врски меѓу двете земји. - На премиерот му ја истакнав цврстата позиција на Египет за актуелната ситуација во регионот на Блискиот Исток, за потребата за почитување на меѓународното право и одредбите на ОН од сите држави, како и потребата за почитување на принципите за неинтеревенирање во внатрешните прашања и почитување на суверенитетот на државите, рече Ал-Сиси. - Египет и Грција непоколебливо им служат на заедничките принципи: стабилност и безбедност во Источниот Медитеран. Негова трансформација во море што нема да прави поделби, туку ќе обединува, истакна Мицотакис додавајќи дека главниот компас треба да биде меѓународното право и добрососедски односи. ср/ми/ Фото: Кабинет на грчкиот премиер

Остани поврзан