• четврток, 21 ноември 2024

Грција ги заострува мерките за справување со насилството на хулиганите и навивачките групи

Грција ги заострува мерките за справување со насилството на хулиганите и навивачките групи
Атина, 21 февруари 2022 (МИА) – Измени во Кривичниот законик, измени во законот за спорт, построги и повисоки казни до пет години затвор, забрана за изрекување условна казна за хулиганство, зголемени контроли од полицијата, привремено затворање на сите фан клубови во земјата, но и нивна поголема контрола, се дел од мерките за справување со насилството на навивачките групи и хулиганите во Грција што денеска, на заедничка прес конференција ги соопштија министрите за цивилна заштита и правда и заменик-министерот за спорт, јави дописничката на МИА од Атина. Мерките доаѓаат по последното убиство во Солун што ја потресе грчката јавност, кога на почетокот на месецов, 19-годишно момче беше до смрт претепано и прободено со нож во близина на стадионот на неговиот омилен клуб Арис, откако група хулигани, навивачи на ривалскиот ПАОК со прашањата за кого навиваат крвнички ги нападнале момчето и неколку негови другари кои завршија во болница. Министерот за правда Костас Циарас потсети на измените на Кривичниот законик од 2021 година според кои за убиство, единствена казна е доживотен затвор и додаде дека сега, предлагаат построги и повисоки казни „кои ја надополнуваат постоечката законска рамка и се затвораат сите можни прозорци за насилство на навивачите“. Меѓу предлог измените се: воведување посебно кривично дело за оние кои за време на спортски натпревари го имаат покриено лицето за да се спречи нивно откривање; забрането е изрекување условна казна, како и зголемување на казната за кривичните дела насилство на навивачите за дела како поседување опасни предмети, насилство, закани, влез на стадиони со цел запирање на спортски настан, јавно поттикнување на прекршоци на спортско насилство и сл. За овие дела, предвидена е затворска казна од шест месеци до пет години, наместо две години  како што беше досега или од три месеци до пет години, наместо една година затвор. Заменик -министерот за спорт Лефтерис Авгенакис истакна дека „правната рамка која генерално го регулира третманот на насилството од навивачите веќе е доста строга и уште повеќе се зајакнува со новите мерки“, паралелно соопштувајќи ги измените што ќе ги направат во законот за спорт. Сите фан клубови на тимовите во цела Грција, привремено ќе бидат затворени до 31 јули 2022 година за да се обезбеди преоден период за добивање нови лиценци согласно новата законска рамка, која ќе предвидува аматерските клубови, фудбалските и кошаркарските клубови дозволено е да признаат само еден фан клуб чие седиште ќе биде и седиштето на клубот, а паралелно Министерството за дигитална политика ќе отвори „Дигитален регистар на членови на фан клубови“. Паралелно веднаш ќе стапи во сила мерката според која забрането е продавање поединечни билети  за трибините наменети за организираните навивачки групи, а за конкретните навивачи достапни ќе бидат само сезонски билети. Авгенакис истакна дека „насилството не е навивачко туку ендемично“ и „станува збор за криминални групи, банди, без никаква суштинска поврзаност со значењето на тим, знаме, дрес и значењето на вистински здрав навивач“ и додаде дека тие како Влада го поддржуваат постоењето и законското функционирање на фан клубовите. Министерот за цивилна заштита, надлежен за полицијата Такис Теодорикакос рече дека иако хулиганството е „ глобално зло и не е карактеристично само за грчките стадиони“, сепак силите во битката мора сите да ги здружат: Владата, политичките партии, спортските фактори, тимовите, спортистите, граѓанското општество и локалната власт. Откри дека до вчера полицијата направила 575 контроли и затворила 67 здруженија на хулигани во целата држава со уапсени 17 лица и додаде дека полицијата ќе продолжи со проверките, а паралелно ќе спроведат програма за обука на полицајците врз основа на европските стандарди за превенција и третман на малолетничка деликвенција, „бидејќи малолетниците најчесто се жртви на хулиганство“. ср/ Фото: АНА-МПА

Остани поврзан