• понеделник, 23 декември 2024

Грузиската владејачка партија “Грузиски сон“ сака да го забрани движењето на поранешниот претседател Сакашвили

Грузиската владејачка партија “Грузиски сон“ сака да го забрани движењето на поранешниот претседател Сакашвили

Тбилиси, 21 август 2024 (МИА) – Грузиската владејачка партија “Грузиски сон“ има намера да ја забрани водечката опозициска партија „Обединето национално движење“ (УНМ), основана од поранешниот претседател Михаил Сакашвили, доколку победи на парламентарните избори во октомври.

Политико пренесува дека УНМ е основано и предводено од Сакашвили, кој со години се наоѓа во затвор под обвинение за злоупотреба на службената должност, а неговата здравствена состојба наеднаш толку многу се влоши што организациите за човекови права побараа негово ослободување од медицински причини.

Во своето последно соопштение, „Грузиски сон“ го обвини УНМ за војната меѓу Русија и Грузија во 2008 година, тврдејќи без доказ дека партијата сака да отвори „втор фронт“ во актуелниот руско-украински конфликт.

„Кога ќе добиеме уставно мнозинство, ќе иницираме правен процес со кој Обединетото национално движење и сите нивни сателити и партии наследници ќе бидат прогласени за неуставни“, наведуваат од „Грузиски сон“.

Целта на ова соопштение е да се убедат гласачите дека на партиите им треба уставно мнозинство за да го исполнат ветувањето, но и без тоа можат да поднесат жалба до Уставниот суд за забрана на партија која сака да го укине или насилно да го промени уставниот поредок во Грузија, ја наруши независноста и територијалниот интегритет на земјата, или пропагира војна и насилство, наведува бриселскиот портал.

Покрај оваа забрана, Грузија планира да воведе закон инспириран од Русија што ќе ги ограничи правата на ЛГБТК+ заедницата, како што предупредија ЕУ и организациите за човекови права.

Владејачката партија наведува дека сака и промена на Уставот на земјата со цел „мирно да се воспостави“ територијалниот интегритет на целата територија за да „соодветствува на новата реалност“, без да наведе детали, но тоа предизвика страв кај опозицијата дека може да значи отстапки за Русија, која мината година се закани дека ќе ги анкетира отцепените грузиски региони Јужна Осетија и Абхазија.

Парламентарните избори во Грузија се закажани за 26 октомври, а шест опозициски партии постигнаа заеднички договор за соработка за соборување на владејачката партија, која, според нив, земјата ја отргнала од патот кон евроинтеграциите.сд/

фото:МИА архива

Остани поврзан