• недела, 22 декември 2024

Грковска: Потребни се храбри луѓе на сите нивоа за да се справиме со корупцијата

Грковска: Потребни се храбри луѓе на сите нивоа за да се справиме со корупцијата

Скопје, 3 февруари 2024 (МИА) - Потребни се храбри луѓе на сите нивоа за да се справиме со корупцијата, истакна вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење во техничката Влада, Славица Грковска на јавната дискусија на универзитетот „Џон Хопкинс“ во Вашингтон на која учествуваше и Едвард Џозеф, експерт за Балканот и виш соработник на Институтот за надворешна политика на овој Универзитет.

Во дискусијата на тема „Зошто е толку тешка борбата со корупцијата во мојата земја“, вицепремиерката Грковска, како што оопшти нејзиниот кабинет, се осврна на бројните предизвици со кои се соочува Северна Македонија на ова поле, како и на напорите и политиките кои се преземаат за јакнење на антикорупциските механизми.

-И покрај гласноста на одредени поединци, уверена сум дека не може да биде неуставно доколку некој сака да дефинира постапка, уредена во закон, за да може надлежните институции да постапуваат и да отворат предмети за лица кои се на црна листа во САД“. Таа додаде дека како држава, не може да го игнорираме фактот и да не преземаме ништо кога САД, како наш најголем сојузник и партнер, санкционира лица заради вмешаност во корупција и организиран криминал во нашата земја, истакна вицепремиерката коментирајќи ја нејзината иницијатива за измени на Законот за рестриктивни мерки во насока на проширување на основите за изрекување на мерки.

Грковска посочи дека е илустративен примерот со поранешниот премиер Груевски, кој сѐ уште е бегалец од правдата, и кој исто така ги нападна обидите за зајакнување на правните антикорупциски механизми наведувајќи дека го загрозуваат суверенитетот на државата.

- Токму тие кои го разбираат суверенитетот како поле за суверено ограбување на сопствениот народ се најголемиот проблем, истакна Грковска.

Во однос на ниската доверба во правосудниот систем, како најслаба алка во справувањето со корупцијата, вицепремиерката истакна дека ни требаат храбри луѓе и затоа, доколку некој не се чувствува доволно храбар и подготвен да се соочи со тој предизвик, да застане лице во лице со корупцијата, воопшто не треба да се пријавува во Академијата за судии и јавни обвинители.

Во тој контекст, Грковска додаде дека се потребни луѓе кои дејствуваат со интегритет, професионалност и одговорност на сите нивоа во општеството.

-Експертот за надворешна политика, Едвард Џозеф, кој како познавач на состојбите на Балканот ја иницираше денешната дискусија, ја оцени како „ендемска“ корупцијата во Северна Македонија и истакна дека таа го попречува економскиот напредок на земјата и го дестабилизира политичкиот и општествениот живот, се анведува во соопштението. дма/са/

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Остани поврзан