• недела, 22 декември 2024

Граѓанскиот сектор бара поголема вклученост во секторската група за конкурентност, Владата најавува ревидирање на Деловникот за работа

Граѓанскиот сектор бара поголема вклученост во секторската група за конкурентност, Владата најавува ревидирање на Деловникот за работа
Скопје, 12 март 2021 (МИА) - Граѓанските организации бараат поголема вклученост во Секторската група за конкурентност и иновативност и поголема транспаретност, а од Владата уверуваат дека се отворени за соработка и најавуваат ревидирање на Деловникот за работа на секторската група. На денешниот вебинар, на кој учествуваа претставници од граѓанскиот сектор и од Владата, беше оценето дека учеството на граѓанските организации во работата на оваа Секторска група е важно и тие можат да дадат придонес во креирањето на политики за зголемување на конкурентноста на македонската економија. Граѓанскиот сектор смета дека недостига унифициран модел за избор на претставници од граѓанското општество во секторските групи. Според Сабина Факиќ, програмска директорка на Центарот за граѓански комуникации, при изборот на претставници од граѓанското општество би можел да се примени моделот што е искористен за мониторингот за ИПА фондовите. - Тоа подразбира објавување на јавен повик до граѓанските организации и потоа доколку бројот на граѓанските организации навистина е многу голем, да се направи некој вид на селекција и гласање на претставниците на граѓанските организации, ако од технички или било кои причини, бројот на граѓанските организации треба да биде ограничен. Онаму каде што тоа не е потребно, би поттикнала вклученост на сите пријавени граѓански организации, истакна Факиќ. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи вели дека не треба да постои сомнеж за тоа дали има желба или не од страна на Владата за вклученост на граѓанскиот сектор. Граѓанските организации, како што посочи, можат да се вклучат, ако нивната мисија на работење е поврзана со конкурентноста и иновативноста. - Не треба воопшто да се сомневаме дали има желба или не за вклучување на граѓанските организации. Граѓанските организации можат да се вклучат, ако нивната мисија на работење е поврзана со секторот на конкуретност и иновативност. Она што ќе го направам во следниот период е тоа што ќе го дадам на ревизија Деловникот за работа на секторската група, кој е направен во 2015 година. Како чинители можете да дадете предлози за тој да се менува затоа што основата за функционирање на секоја една секторска група е Деловникот за работа, нагласи Битиќи. Од Стопанската комора на Македонија, која заедно со уште три комори имаат свои претставници во оваа секторска група, сметаат дека е важно заеднички да се креираат политиките за конкурентност и иновативност. Според Јадранка Аризанковска, виш советник во Комората, за да се изгради стратегија со која ќе се подигне конкурентноста на компаниите, потребна е вклученост на сите чинители, вклучително и на граѓанскиот сектор и на академската заедница која се занимава со оваа проблематика. Податоците од мониторингот направен од Фондацијата отворено општество Македонија покажуваат дека само 9 проценти од анкетираните 107 граѓански организации имаат претставник во секторските групи. 76 проценти од анкетираните се изјасниле дека не дале никаков придонес во работата на секторските групи, а 94 проценти покажуваат интерес за учество во овие секторски групи. бак/ац/

Остани поврзан